Последен поздрав за Мирко Попов, еден од пионерите на електронската музика и поддржувач на независната сцена

На 51 година почина Мирко Попов, еден од луѓето што учествуваше во воздигнувањето на електронската сцена, диџеј, продуцент, текстописец и постојан поддржувач на независната сцена, особено на млади и алтернативни музички откровенија. Попов неколку дена беше хоспитализиран на скопскиот Клинички центар по мозочен удар, а информацијата за неговата смрт ја потврди и неговиот ПР консултант, Ивана Тасев.

Мирко Попов е роден во 1972 година во Скопје. Израснат во Градски ѕид, како што и самиот велеше во неговото „кучкар маало“, почнува да купува плочи и ја засакува музиката уште од основното училиште, што логично резултираше со првите роденденски диџеј сетови во раните 80-ти години на 20-иот век.

„Неколкуте авангардни музички револуции во 80-тите, но и неверојатно високиот квалитет на поп музиката од тоа време помагаат да развие здрава љубопитност, разнолик музички вкус и ориентација кон постојан прогрес, што ќе се одрази пресудно во понатамошните одлуки“, соопштува Тасев.

Тасев пишува дека Попов првиот професионален диџеј букинг го добива во 1992 година и оттогаш не престанува со настапи. Истата година добива простор во култното скопско музичко радио „Канал 103“, што е еден од клучните моменти во неговиот развој како личност и музичар. „Слободното изразување, кое е основна филозофија на оваа радио станица може да направи чуда со човек“, велеше Попов. Од 2008-ма до 2010-та е и главен и одговорен уредник на Канал 103.

„Во 1993 е во епицентарот на македонската техно-културна револуција, ставајќи го Скопје на мапата на ова современо движење. Канал 103 е главниот катализатор и на овој модерен восклик на новата генерација. Во тој правец се движи и формирањето на ПМГ Колективот во 1995-та од Мирко Попов (и Александра Малевски), како манифест на акцијата која треба да го победи незадоволството од актуелната состојба. ПМГ во следните години ќе прерасне во водечка авангардна сила на скопските улици, одговорна за широк спектар акции во полето на музиката и урбаната култура. Настаните на ПМГ од 90-те се суштината на скопскиот урбан фолклор од тоа време, а Мирко Попов како диџеј, има можност редовно да настапува низ регионот, но и на некои атрактивни европски клупски дестинации“, посочува Тасев.

Во 1998 ја формира ПМГ Рекордингс, дискографска куќа која, како што пишува Тасев, има намера да ја регистрира и промовира квалитетната музика на новото време, славејќи ја современата култура и исправајќи историски грешки и неправди нанесени на македонската музика од блиското минато.

„ПМГ Рекордингс денес е водечка независна дискографска куќа во земјата, со над 300 изданија (тука влегуваат и изданијата на под-лејбловите ПМГЏез, ПМГ Танц Дигитал, Con:Tempo и Мкаедониде)“, соопштува ПР-от на Попов.

Во дискографијата на ПМГ Рекордингс има албуми и на артисти или бендови како Псајкоз, Роботек, Мугер Фугер, Душко Јаневски, Бернејс Пропаганда, Д Џон, Марија Каева, Беј Д Фиш, Фајтинг Виндмилс, Фонија, Александар Пејовски, Конкверинг Лајн, Галатеја, Милко, Мухамед Ибраими, Александар Велики, Горан Кан, Д Локал Блу, Блекстејт, Лепи Џони, Виктор Гавриловски, Исток Ј. Улчар, Диџеј Магија…

„Последните години на минатиот век ги донесоа и првите (хаус, техно и електро) продукции за него, за во 2003-та сето тоа прерасне во бендот ПМГ Колектив (еклектична комбинација на жив и електронски пристап во слободен стил) каде е автор на музика, текстови, вокалист и оператор на машини за звук. Бендот за кратко време прераснува во еден од водечките домашни бендови од првата деценија на новиот век. ПМГ Колектив има издадено 9 албуми и едно издание на најголемите хитови, и отсвирено повеќе македонски и европски турнеи (повеќе од 500 концерти досега)“, соопштува Тасев.

Попов, меѓу другото, дел е и од електро-џез состав Кантон 6, со кој досега има издадено повеќе е.п. и 3 албуми, како и од опскурниот проект #МакедонидеКру со 6 албуми. Исто така, има издадено албум и неколку е.п изданија, и реализирано концерти со македонскиот џез состав Сетстат.

„Од 2020 година продуцира, издава и настапува и како соло артист под името Mirko Popov Quartet. Има остварено повеќе улоги во театарски претстави, како и на филм. Потпишано неколку музики за театар и филм. Режирано радио драма“, вели Тасев.

Tој e сценарист и продуцент на документарниот филм „103-Љубовно Писмо До Алтернативната Култура” и комплетен автор на музичкиот филм „До Небото Замок”. Продуцент, сценарист и автор е на повеќе од 50 музички видеа.

Автор е на книгата „20 Години те Сакам *Монографија за ПМГ колектив”. Автор е на книгата за деца „Розевата Планета” издадена за Чудна Шума на македонски и албански јазик.

Како музички новинар пишува/л текстови во Трн, Реборн, Урбан Магазин, Тротоар, Скопско Метро и др. Објавувал своја проза, поезија и стрипови во Маргина, Лифт, Скопско Метро и др.

„Заедно со музичарот Владан Дробицки, идеен творец е на џез фестивалот „Крај Вардарот Џез“, беше иницијатор и уредник на неговиот музички проект, платформата „Силата ЕУ младите“. Попов е еден од ретките, кој во континуитет се грижеше на површината да испливаат надоаѓачките генерации домашни млади музичари, а одличен доказ за тоа е оваа платформа“, соопштува Тасев, ПР консултантот на Попов.