„ПМГ Рекордингс Фестивал“ на 7 и 14 октомври со домашни и странски изведувачи

Во две фестивалски вечери, на 7 и 14 октомври, „ПМГ Рекордингс Фестивал“ оваа година ќе понуди програма со повеќе домашни и странски имиња од сферата на електронската, поп, рок и џез музика.

Првата фестивалска вечер закажана за 7 октомври ќе се случи во скопскиот клуб „Станица 26“. Специјален гостин на оваа вечер е хрватската музичка дива Сара Ренар, која според организаторот го носи статусот на една од најдобрите и најхрабрите пејачки-текстописци од новата генерација на Балканот.

„Нејзиниот музички стил може да се опише како експериментален поп, со суптилни мелодии на електронски и театарски елементи. Зад себе има пет студиски албуми, повеќе регионални награди, и близу илјада концерти во живо. Нејзините најнови настапи се опишани како експлозивна електро-панк забава“, посочуваат од „ПМГ Рекордингс“.

Од домашната сцена претставуваат два бенда со импозантна дискографија и бројни концерти.

„’ПМГ Колектив оркестар’ е звукот на модерно Скопје. Автентична линија на сочност која се развива и менува повеќе од 20 години. Нивниот звук носи софистицирани танцови линии, прилично уникатни и речиси поп-мелодични. 9 студиски албуми,  двоен винил со ‘Најголемите Хитови’, бројни ЕП-а, синглови, компилации, видео записи, ремикси, и неколку македонски и европски турнеи. Моменталната инкарнација на бендот е прилично авантуристички микс на танцов ритам на современа електронска продукција, тапани во живо, бас, гитара, дувачка секција, вокали и синтисајзери. Вистински оркестар составен од некои од најдобрите и најталентирани македонски музичари споени со цел да донесат музичка правда и зрели аранжмани на сите познати ПМГ песни (Скопјанка, Манекенки, 80Ти, 90Ти, Ти си мојот свет, Луѓе од градови, Деца на два века…), максимално задоволувајќи ја публиката на концертите“, велат организаторите.

„Сетстат“, пак, го карактеризираат како најквалитетниот и најдолготрајниот џез состав, кој во континуитет работи повеќе од триесет години во нашава земја. Односно, бенд кој е добро обучен во т.н. уметност на џезот со познавање на скоро секој  стил кој некогаш се појавил.

„‘Сетстат’ имаат издадено 10 студиски албуми. Нивниот концерт на ‘ПМГ Рекордингс Фестивал’ во 2021 година, издаден како албум во живо насловен ‘White Night’ за ‘ПМГ Џез’, беше избран како едно од најдобрите џез изданија на музичката платформа Bandcamp за јануари 2022 година. Во 2004 година, нивната композиција MVP беше број 1 на листата на Top Downloads 200 на реномираниот џез портал All About Jazz website. Во 2015, нивниот албум ‘Се Плашам од Македонци’ (заедно со Никола Коџабашија и Мирко Попов), беше прогласен за албум на годината, според култното скопско радио Канал 103. Со повеќе од 30 години активна работа ‘Сетстат’ се бенд кој бележи континуирана и активна концертна активност, како во домашен, така и во меѓународен контекст“, соопштува организаторот.

Концертниот дел од програмата го затвораат со настапот на „Александар Велики“ (Александар Гавровски). Неговиот прв студиски албум „Првиот Македонец во вселената“ излегува во 2018 година за издавачката куќа „Балкан Велики“, за кој велат дека впечатливо и лесно ја освојува домашната публика.

„По него следат ‘Мирно Лето’ (2020) и ‘Голем’ (2023), обата албуми во издание за ‘ПМГ Рекордингс Скопје’. Неговиот последен албум изобилува со интелигентна мелодичност и танцова атмосфера. Лириката на Александар Велики е во правопропорционален развој со квалитетот на музиката, па ‘Голем’ е секако неговиот најдобар албум до сега, кој воедно и ќе биде музички изведен на фестивалот. Програмата по полноќ носи дел од електронската музичка сцена со настапи на добро познатите ПМГ диџеи Мирко Попов, Илина Ангеловска и Виолета Качакова, кои гарантираат добра журка и загревање на атмосферата за танц“, посочуваат од „ПМГ Рекордингс“.

Втората фестивалска вечера е закажана за 14 октомври, каде на сцената на Младинскиот културен центар во дансинг салата, во живо ќе настапи познатиот музичар и инструменталист Метју Џонсон од Канада.

„Се работи за водечко име на електронската музичка сцена, човек кој со децении владее на светските подиуми и врвни музички фестивали. Со него сцената ќе ја поделат звучни имиња од македонската електронска и поп музичка сцена, како Young Dadi, 5R+Domchuga, Горан Кан, Андреја Салпе и Вански. ‘ПМГ Рекордингс фестивалот’ е годишна смотра на истоимената дискографска куќа, со речиси 300 изданија на современа македонска музика е водечка сила на домашната сцена во последниве децении“, стои во соопштението за настанот.

Фестивалот се реализира со поддршка на Министерството за култура.

Македонскиот реномиран уметник и професор Велимир Жериновски, отстапи свој цртеж од серијата :Memoris#000: за изработка на визуелниот промотивен материјал за овогодинешниот фестивал.