„Прозарт медиа“ стана првата издавачка куќа од Македонија член на Интернационалната алијанса на независни издавачи

Издавачката куќа „Прозарт медиа“ стана првиот македонски член на Интернационалната алијанса на независни издавачи.

„Преговорите за влез во Алијансата започнаа во 2022 година на Саемот на книгата во Франкфурт, каде што Прозарт медиа и уредникот Дејан Трајкоски беа поканети во ‘Invitation program’ заедно со 20 одбрани издавачи од целиот свет. Неколку од авторите на Прозарт медиа веќе се претставени и промовирани пред издавачите на Алијансата“, велат од издавачката куќа.

Во Алијансата, која е оформена во 2002 година, членуваат повеќе од 800 издавачи од сите континенти, односно од шеесетина земји. Алијансата се стреми кон промоција на независните издавачи, служи како место за експериментирање и размислување преку Опсерваторијата за библиодиверзитет, но и како лабораторија за алтернативни уредувачки практики. Алијансата организира и вмрежувања на издавачите членови, онлајн саеми на книга.

„Прозарт медиа“ е организатор на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ и на Скопје фелоушип програмата.