Португалија забрани шефовите да пишуваат пораки на персоналот после работното време

Португалија им забрани на шефовите да испраќаат СМС пораки и е-пошта на персоналот надвор од работното време, како дел од новите закони наречени „право на одмор“, објави Би-Би-Си.

Овој потег е дел од промените што се воведуваат за да се подобри рамнотежата помеѓу работата и животот, како одговор на се’ почестата работа од дома во земјата.

Компаниите со повеќе од 10 вработени би можеле да се соочат со парични казни доколку контактираат со вработените надвор од нивните работни часови.

Има и нови правила за вработените кои имаат деца.

На родителите ќе им биде дозволено да работат дома на неодредено време без претходно да бараат одобрение од нивните работодавци додека нивното дете не наполни осум години.

Компаниите, исто така, можеби ќе треба да придонесат и за повисоките сметки за домаќинството при работа од дома, како што се трошоците за струја и интернет.

Вклучени се и мерки за справување со изолацијата што може да ја почувствуваат далечинските работници, при што се очекува компаниите да организираат редовни состаноци лице в лице.

Сепак, некои елементи од пакетот не беа одобрени од парламентот на Португалија, вклучително и „правото на исклучување“ што му дозволува на персоналот да ги исклучува сите работни уреди надвор од работното време.

Португалската министерка за труд и социјално осигурување, Ана Мендес Годињо, на конференција во Лисабон изјави дека „работата од далечина може да ја промени играта“, но нејзиниот раст треба да се регулира.

Таа, исто така, се надева дека зајакнатата заштита на трудот ќе привлече повеќе странци во земјата.

„Сметаме дека Португалија е едно од најдобрите места во светот што можат да ја изберат овие дигитални номади и работници од далечина, па сакаме да ги привлечеме во Португалија“, рече таа.

Португалија веќе има шема за виза за привремен престој дизајнирана да привлече претприемачи и хонорарци. Португалскиот остров Мадеира има „дигитално номадско село“, со бесплатен Wi-Fi и канцелариски биро.

Неколку други земји воведоа таканаречени „дигитални номадски визи“, наспроти стандардните туристички дозволи, вклучувајќи ги Барбадос и Хрватска.