Португалија цел викенд струјата ја добиваше само од обновливи извори

Цела Португалија изминатиов викенд користеше струја добиена само од обновливи извори на енергија.

Државата генерирала 172,5 гигават часови електрична енергија од обновливи извори во периодот од петокот вечерта до понеделникот наутро, најмногу од ветерници и од хидроцентрали, додека во истиот период искористила 131,1 гигават часови струја.

Во овој период 97,6 гигават часови дошле од ветерници, додека 68,3 гигават часови дошле од хидроелектраните, а 6,6 гигават часови биле произведени преку соларна енергија, соопштија од Националниот енергетски систем (РЕН) на Португалија, од каде велат дека вишокот струја бил продаден на соседната Шпанија.

„Користејќи ги поволните временски услови на ветер и дожд, употребата на електрична енергија во Португалија целосно се обезбеди од обновливи извори“, соопштија од РЕН.

Слично достигнување Португалија успеа неколку пати претходно. Во 2016 година целата земја зависеше од обновливи извори на енергија четири последователни денови за првпат, додека во 2018 година нивното производство на струја од обновливи извори на енергија задоволија 103,6% од нивната целосна побарувачка.

Португалските власти се надеваат дека до 2026 година земјата ќе генерира околу 80 проценти од годишната побарувачка на струја од обновливи извори, додека планот е до 2040 година земјата целосно да биде напојувана со струја од обновливи извори.