Попусти тек-тук, Европската младинска картичка тешко достапна за младите

Бројни можности за попусти кои се нудат со Европската младинска картичка, во различни продажни области, иако наведени, не се достапни за младите кои ја поседуваат картичката, проект на Агенцијата за млади и спорт (АМС) и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (НА) која официјално почна да се користи во средината на минатата година. Дополнително, во реалноста, закочен е и процесот на издавање картички.

Па така, доколку ја имате картичката и попладнево одлучите да изедете неколку парчиња пица од една скопска пицерија, иако податоците на веб-страницата за картичката „ветуваат“ 10% попуст, тој нема да го добиете. Но, операторот во оваа пицерија сепак ќе ве утеши со тоа што тие постојано нудат одредени промоции и попусти. Барем такво беше нашето искуство.

Ако сепак одлучите да купите пица, па по јадењето решите и да повежбате, на списокот со попусти кои се нудат ако имате младинска картичка има десетина локации каде се нуди попуст. Решивме да заштедиме дури 30% од чланарината за зачленување во едно познато скопско фитнес студио, секако, со приложување на младинската картичка. Сепак, и овој обид беше неуспешен. Од студиото ни соопштија дека во моментов не  важат никакви попусти, иако во претходно таква можност постоела, па млади си го „резервирале“ својот попуст.

Доколку пак сакате среде пандемија своето слободно време да го минете со читање книга, всушност, да се зачлените во библиотеката „Св. Климент Охридски“, повторно, иако е наведено дека членарината ќе биде намалена за 20%, не е сигурно дека ќе го добиете очекуваното намалување. Во телефонскиот разговор, кога го побаравме попустот со младинска картичка, ни посочија дека ја немаат таа информација, но ќе проверат кога ќе дојдеме на лице место.

Среќа имавме само со десертот, кога прашавме дали ќе имаме 5% попуст ако нарачаме слатки во скопска слаткарница.

Ова се само неколку случајни примери кои ги одбравме и контактиравме од долгата листа на официјалната веб-страница за картичката, за која и ние аплициравме. Постапката за апликација е сосема едноставна. Потребно е само да се внесат одредени лични податоци, а постапката не трае повеќе од неколку минути.

Како повратен одговор, доколку успешно сте аплицирале, ќе добиете едно „благодариме“ на вашата електронска пошта. Но, се чини дека времето за добивање на картичката изгледа доста долго. Еден месец по нашата апликација, сè уште не сме добиле инструкции ниту информација за тоа кога и каде може да се подигне картичката.

Од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, за која и Европската комисија во последниот извештај нотираше дека станала членка на Европската асоцијација за младинска картичка, ни посочија на бројните предности кои ги нуди оваа картичката.

„Преку оваа картичка, ние нудиме поволности на младите со тоа што им нудиме преку 370, значи имаме вклучено договор со преку 370 компании низ цела држава, каде што тие можат да имаат попуст, дали сакаат да одат на кино, во театар, да спортуваат. Имаат различни попусти и можности. Преку картичката исто така тие може да се едуцираат, да научат нови работи, да започнат своја кариера, да направат вистинска промена во заедницата, исто така служи како, е добар пристап до квалитетни и релевантни информации, каде што ќе може да се информираат за во иднина“, изјави за Радио МОФ, Мартин Атанасов, надворешен соработник на Агенцијата.

Младите луѓе од земјава, картичката можат да ја користат низ Европските држави, и обратно, иако како што посочи Атанасов, сè уште работи за унапредување на апликацијата.

Главен носител на проектот „Младинска европска картичка“ сепак е Агенцијата за млади и спорт. Иако прашања поставивме и до нив, пред се за тоа кој период е потребен за издавање картичка, колкумина аплицирале и колку ја користат, но и кој е проблемот што податоците на веб-страницата не се ажурирани, до објавувањето на овој текст, не добивме одговор.

Радио МОФ и претходно пишуваше за проблемите со пристапот до картичката. Млади луѓе забележуваа дека постојат проблеми со аплицирањето, но и со тоа што чекаат и по неколку седмици за да добијат одговор од АМС.

Меѓудругото, тогаш тие забележуваа и дека не постојат доволно места каде можат да се искористат попустите со картичката, што е сосема различно од сега, барем од она што се „нуди“.

„Европска младинска картичка“ сè уште тешко достапна за младите

Мартин Колоски