Помеѓу големата лага и малите вистини со авторката Ивона Марковска

Ивона Марковска има 19 години, а авторка е на три романи –  „Пронаоѓање” (2017), „Аурора” (2019)  и „Големата лага и малите вистини”. Нејзиниот трет роман, кој е во издание на издавачката куќа „Три“, имаше две промоции, од кои првата се одржа на Саемот на книгата, а втората во Битола.

Марковска за Радио МОФ објаснува дека инспирацијата за „Големата лага и малите вистини“, потекнува од пандемијата, а книгата обработува теми како феминизам, сексуално и семејно насилство, себеоткривање и себеприфаќање. Таа дополнува дека книгата остава простор секој да ја разбере вистината од своја перспектива и на крајот да ја напише својата верзија за натамошното дејство.

На својот роман, авторката работела скоро две години, а вели дека првично само „пливала“ во своите идеи, но чувствувала дека нешто недостасува.

„Оставив времето да си ја употреби својата магија и во март минатата година започнав со пишување на романов, пронаоѓајќи го она клучно мовче помеѓу сите ликови и сите приказни- Ковид-19. Така што идеите за книгата почнав да ги развивам пред околу две години, а пишувањето, препишувањето, поправката и целиот тој процес на носење на текстот до својата финална верзија опфати период-нешто повеќе од година и пол“, објаснува Марковска.

Секое дело остава барем по една порака до читателите, но Марковска истакнува дека сака пораката на романот различно да биде сфатена од сите читатели, бидејќи на сите им е потребно нешто различно во даден момент.

„Мислам дека самото дејство и секој карактер си носи со себе посебна порака, храброст, љубов и жртва. Сакам оваа книга кога ќе биде во рацете на еден читател да му биде потпора, штит и мотивација во борбата со своите внатрешни демони. Во целото мое пречитување на книгата, а тоа беа многу, многу пати, секогаш влечев различна порака за себе, за она што го правам и за она кое сакам да го направам. Но доколку би требало да одберам баш една порака која ја испраќа „Големата лага и малите вистини” тогаш тоа би било: „Не плаши се од себе”, вели таа.

Објаснувајќи за тоа кои теми ги обработува романот, Марковска истакнува дека тој обработува не толку омилени теми на модерното општество, чии корени потекнуваат уште од почетоците на нашиот историски развиток како цивилизација.

„Книгата разработува теми од социјален, општествен, психолошки и филозофски карактер. Романот има голем феминистички крик, посочувајќи ги наталожените сфаќања од пред многу векови за жената. Се обработува абортусот како индивидуален избор на секоја жена, не на државата и не на некој од страна.  Сметам дека уште не веруваме доволно во моќта на уметноста, која според мене е подвижна сила и има енормен удел во развојот и промената на општеството и државата“, нагласува Марковска.

Главната тематика на „Големата лага и малите вистини” е пандемијата, што за авторката претставувало мотив да го погледне општеството со поинакви очи. За Марковска, овој период претставува нова колективна историја, бидејќи според неа, сите луѓе создале нова верзија од себеси по изолацијата, период во кои останале сами со себе и своите мисли.

„Дури и кога ова лудило ќе заврши и ќе можеме пак да дишеме, не постои враќање на првата точка. Ние се менуваме, не сме статични, со што и „нормалното” кое ќе дојде по ова ќе биде различно од „нормалното” сега и „нормалното” кое беше пред 2020 година. Верував дека овој историски момент треба да се памети, а во исто време да се долови целиот хорор кој ни ги стресе коските. Сите учиме нешто во ови две чудни години, сите почнавме да себеспознаваме, барем мислам дека е така“, заклучува Марковска.

И.С.