Половина од гејмерите можат да се откажат од стриминг на видеоигри поради Членот 13, покажува нова анкета

Членот 13 од Директивата за авторски права на Европската Унија може да има драстично влијание на стримерите на видеоигри и нивните фанови низ Европа, покажува ново истражување спроведено од „Компаритеч“ (Comparitech).

Анкетата, направена врз 1.500 стримери на видеоигри во Велика Британија, утврдило дека скоро половина од нив ќе се откажат од емитување на нивното играње на платформи како Твич, Јутјуб и други страници, стравувајќи од последиците од новите законски измени, според кои е неопходно филтрирање на содржината пред да биде објавена онлајн.

Содржината припаѓа на компаниите кои ги произведуваат видеоигрите и оние кои стримаат играње, како и платформите кои ги користат, според новиот закон, можат да бидат одговорни за кршење на авторските права за прикачување видеа без дозвола.

Истражувањето покажува дека 46% од стримерите би престанале да објавуваат видеа доколку можат да бидат тужени за кршење на авторските права, додека 45% од анкетираните изјавиле дека ќе ја променат платформата доколку платформата на која досега стримале, воведе забрана на видеата за гледачи од Европа.

Европскиот Парламент, на крајот на март, го поддржа контроверзниот сет закони за авторски права, за кои активистите за слободата на интернетот  сметаат дека ќе предизвикаат големи промени во природата на интернетот.

Новата легислатива предизвика најмногу полемики околу членовите 11 и 13.

Со членот 11, наречен и „данок за линк“, се задолжуваат компаниите како Гугл да плаќаат за користење на линкови од публикациите чии содржини ги пласираат преку агрегатор, како на пример со сервисот Гугл Њуз.

Со членот 13, кој од критичарите беше наречен „аплоуд филтер“, компаниите ќе бидат одговорни за материјалите кои ќе бидат објавувани на нивните платформи без соодветно регулирани авторски права. Тоа практично ќе значи дека платформите ќе мора да ставаат филтри за содржината пред таа да се прикачи. Сепак со овој член не се опфатени „клауд“ складирањата, како и содржини кои спаѓаат во сферата на пародија. Европскиот Парламент заклучи дека мемињата, кратките вирални видео клипови ќе бидат специфично исклучени од директивата, иако не е познато како тоа технолошките компании ќе можат да го применат во пракса ако воспостават филтер за содржини.