Европарламентот ги изгласа контроверзните измени на законите за авторски права

Европскиот Парламент го поддржа контроверзниот сет закони за авторски права, за кои активистите за слободата на интернетот  сметаат дека ќе предизвикаат големи промени во природата на интернетот.

Новата легислатива предизвика најмногу полемики околу членовите 11 и 13.

Со членот 11, наречен и „данок за линк“, се задолжуваат компаниите како Гугл да плаќаат за користење на линкови од публикациите чии содржини ги пласираат преку агрегатор, како на пример со сервисот Гугл Њуз.

Со членот 13, кој од критичарите беше наречен „аплоуд филтер“, компаниите ќе бидат одговорни за материјалите кои ќе бидат објавувани на нивните платформи без соодветно регулирани авторски права. Тоа практично ќе значи дека платформите ќе мора да ставаат филтри за содржината пред таа да се прикачи. Сепак со овој член не се опфатени „клауд“ складирањата, како и содржини кои спаѓаат во сферата на пародија. Европскиот Парламент заклучи дека мемињата, кратките вирални видео клипови ќе бидат специфично исклучени од директивата, иако не е познато како тоа технолошките компании ќе можат да го применат во пракса ако воспостават филтер за содржини.

Музичарите и креаторите велат дека новите закони ќе придонесат за многу пофер компензација за уметниците, додека критичарите велат дека овие промени ќе ги уништат содржините генерирани од корисниците на интернет страниците.

Законските директиви беа изгласани од европратениците со 348 гласови „за“ и „278“ гласови продив.

Законите за авторски права последен пат биле менувани во 2001 година.