Полни контејнери и утрово – Скопските општини се самоорганизираат за чистење, а од Град Скопје уверуваат дека службите се враќаат во нормала

И утрово повторно можат да се забележат преполни контејнери по скопските улици од кои се шири лош мирис откако службите на градското претпријатие Комунална хигиена – Скопје неколку дена, во протест, одбиваа да ги празнат контејнерите.

Дел од градоначалниците на скопските општини вчера соопштија дека се самоорганизирале за чистење на ѓубрето.

Градоначалниците на Аеродром и Кисела Вода, Тимчо Муцунски и Орце Ѓорѓиевски вчера најавија дека сами ќе започнат со чистење на отпадот, а синоќа на видеоснимка објавена на социјалните мрежи може да се види како камион наполнет со отпад го истура ѓубрето пред „Дрисла“, откако, како што рекоа градоначалниците, надлежните одбиле да ги примат камионите да го одложат отпадот во депонијата.

И градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски најави дека општинските служби сами ќе започнат да го собираат отпадот од утрово, додавајќи дека на терен ќе биде целата механизација на ЈП „ПОЦ“ како и дополнителна опрема за собирање смет.

Работниците од Комунална Хигиена – Скопје, започнаа да протестираат во саботата пред просториите на претпријатието, поради, отпуштањето на десетици нивни колеги, но и поради тоа што не им се исполнуваат барањата за зголемување на платите, К-15 и бенефициран стаж. Тие одбиваат да го соберат сметот додека не се исполнат нивните барања.

Вчера градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, по состанокот на градскиот кризен штаб, обвини дека дел од вработените повеќе дена ја блокираат работата на Комунална хигиена поради лични интереси. Сепак таа додава дека чистење на отпадот се враќа во нормала.

„Вчера ниту институциите не успеаја да ја прекинат незаконската блокада на претпријатието. Ова е уште еден знак дека во Македонија не функционира правната држава. Од овие причини веднаш е ставен во функција кризен штаб од скопските јавни претпријатија кој има за цел да ја одржува хигиената во главниот град кои се излезени на терен и активно чистат. Јавното претпријатие Комунална хигиена веќе се враќа во нормала, функционира смената се надеваме дека веќе од утре ќе работи со целосен капацитет“, рече Арсовска.

Според неа проблемот го направиле лица во јавното претпријатие кои повеќе од 15 години работеле само трета смена, спротивно на Законот. Арсовска посочи дека поголемиот дел од овие вработени воопшто не се појавувале на работа и дека токму тие ја блокираат работата на комуналното претпријатие.