Полицијата во Бања Лука ги забрани сите протести на групата „Правда за Давид“

Полициските служби во Бања Лука вчера објавија дека ги забраниле сите нови протести на групата „Правда за Давид“, обвинувајќи ги припадниците дека го кршат законот и дека ќе бидат уапсени сите кои ќе се осудат да ја прекршат забраната.

„Поради зачестеното нарушување на јавниот ред и мир, сторени казнени дела, спречување на нормалното одвивање на сообраќајот и непочитување на Законот за јавно собирање во Република Српска, сите идни собири на групата „Правда за Давид“ ќе бидат спречени и прекинати, а учесниците во таквите собири ќе бидат санкционирани“, стои во полициското соопштение до медиумите.

Од Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина соопштиле дека будно ги следат случувањата околу протестите на групата „Правда за Давид“ и порачуваат дека правото на мирно собирање, заедно со слободата на изразување е клучно за секое функционално демократско општество“.

Полицијата пред два дена приведе неколку учесници на протестите и против нив се покренати прекршочни постапки. На Фејсбук групата „Правда за Давид“ беше споделено дека меѓу приведените бил и Давор Драгичевиќ, таткото на Давид, кој сè уште не е познато каде се наоѓа.

Поради инцидентите и протестите, општинските власти го откажаа новогодишниот концерт во Бања Лука.

Собирите „Правда за Давид“ се одржуваат веќе девет месеци, а претходнава недела револт предизвика апсењето на таткото на Давид, Давор Драгичевиќ, кој следниот ден беше ослободен.

Граѓаните бараат полицијата да го открие и уапси убиецот на 21-годишниот студент, кој исчезнал ноќта на 17 март, а неговото мртво тело било пронајдено една недела подоцна на брегот на реката Црвена. Првичната полициска истрага утврдила дека смртта настанала поради давење, но без елементи на кривично дело. Сепак по три месеци јавното обвинителство донело наредба да покрене истрага против непознати сторители поради основано сомнение за убиство.