По протестот во Бања Лука ослободен таткото на Давид, момчето чија смрт предизвика граѓански револт

Давор Драгичевиќ, таткото на 21-годишното момче Давор за чија неразјаснета смрт граѓаните од Бања Лука протестираат веќе девет месеци, е пуштен на слобода откако цела ноќ помина во притвор, поради што се организираа масовни протести во градот.

„Против сите кои учествуваа во моето апсење ќе поднесам кривични пријави. Јас ќе бидам на плоштадот во 18 часот и не ми паѓа на памет детето да го препуштам на злосторниците и убијците. Мојот Давид ќе добие правда и сите во оваа држава ќе добијат правда. Не ми можат ништо ни за милион години“, изјавил Драгичевиќ по пуштањето на слобода.

Драгичевиќ бил приведен поради загрозување на безбедноста, поради тоа што наводно му се заканувал на министерот за внатрешни работи на Република Српска пред владината зграда.

Драгичевиќ ја обвинува покраинската власт и полиција за смртта на неговиот син, случај кој веќе девет месеци не е расчистен од институциите.

Неговото апсење предизвика граѓански собир на плоштадот во Бања Лука, каде синоќа полицијата се судри со демонстрантите и на сила ги отстрануваше од локацијата на протестот. Повеќе лица биле приведени од полицијата, меѓу кои и мајката на Давид, Сузана.

Освен во Бања Лука, мирни граѓански собири беа одржани и во Сараево, Мостар и Белград. Најавено е дека и вечерва ќе се одржат протести во повеќе градови низ регионот.

Протестите „Правда за Давид“ во Бања Лука постојано се одржуваат од март. На нив граѓаните бараат полицијата да го открие и уапси убиецот на момчето. 21-годишниот студент исчезнал ноќта на 17 март, а неговото мртво тело било пронајдено една недела подоцна на брегот на реката Црвена. Првичната полициска истрага утврдила дека смртта настанала поради давење, но без елементи на кривично дело. Сепак по три месеци јавното обвинителство донело наредба да покрене истрага против непознати сторители поради основано сомнение за убиство.