Полицијата со водени топови ги растера демонстрантите и новинарите во Хонг Конг, уапсени се 180 лица

Полицијата во Хонг Конг уапсила најмалку 180 лица, од кои седум по новиот закон за национална безбедност, а илјадници демонстранти одбиле да ја почитуваат забраната за собири на годишнината од предавањето на поранешната британска колонија под власт на Кина, пренесува српски „Н1“.

Тие се уапсени „за учество на неовластени собири, за нарушување на јавниот ред, поседување оружје и други кривични дела“, напишаа од Хонгконгшката полиција на Твитер, додавајќи дека седум лица биле уапсени „за наводно кршење на законот за национална безбедност“.

Мета на водениот топ биле демонстрантите и новинарите, помеѓу кои имало и репортери на агенцијата „Франс прес“.

Демонстрантите се собраа во трговската област на градот, а голем број полициски службеници беа распоредени по улиците на градот по повод 23-годишнината од враќањето на поранешната британска колонија под кинеска власт.

Кинеските власти за првпат годинава го забранија традиционалниот марш во Хонг Конг по овој повод.

Кина вчера го усвои контроверзниот закон за национална безбедност со кој се казнуваат субверзивни активности, отцепување, тероризам, и преговори со странски сили.

Законот предвидува дека кинеското судство е надлежно за „тешко“ нарушување на безбедноста, а за таквите дела е предвидена доживотна затворска казна.

Во Хонг Конг пак, во меѓувреме, денеска беше извршено првото апсење по основ на законот за национална безбедност.

Полицијата на Твитер наведе дека е уапсен маж кај кого било пронајдено знаме за независност на Хонг Конг.