Полагање од веб-камера или во амфитеатар – започна „вонредната“ испитна сесија за студентите

Додека кризната состојба се уште трае, испитните сесии во некои факултети веќе почнаа. Полагањето се одвива или од дома од компјутер, или на самиот факултет. Меѓу студентите и професорите постојат здравствени грижи, но од друга страна се соочуваат и со технички предизвици за да се адаптираат на ситуацијата, со цел да се спроведе објективно испитување и оценување. 

Студентите на Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ во Скопје своите полагања ги започнаа уште во март, кога се полагаше првата колоквиумска сесија. Овде, полагањата се одвиваат претежно онлајн, но постои опција и за физички пристап. Студентката М.Ѓ. е една од оние кои полагаат онлајн.

Според неа, овие околности ѝ олесниле сè да заврши на време од последната година и семестар на факултетот. Регуларните термини, нагласува таа, доцнат само една недела.

„Полагањето се одвиваше по некои предмети со камера, со верификација на студентите и со покажување на индекс. Некои предмети беа без камера, професорите беа инволвирани цело време, што и да треба на четови – се’ прашувавме. Имаме систем што се користи на факултетот и сè се одвиваше во ред кај мене“, раскажува таа.

Студентите можат да полагаат и физички, ако не се чувствуваат пријатно тоа да го прават онлајн. Претходно, во рамки на ФИНКИ, имале анкета за студентите да се изјаснат дали сакаат да полагаат онлајн, физички, или пак, комбинирано. Со новите процедури на УКИМ за полагање, пак, секој професор сам одлучува за својот предмет за начинот на полагање.

„Зошто би одела таму, да се изложувам на ризик и да изложам некој друг на ризик. Не сум излегла од дома од 14 март, немам контакт со луѓе и не сакав воопшто да одам на факултет“, смета М.Ѓ.

Студентката на политички студии на англиски јазик Ива Наскова, пак, раскажува дека полагала токму во Правниот факултет при УКИМ.

На самиот влез, вели таа, ги пречекал човек надлежен за дезинфекција на рацете на секој студент. Воедно им ги претставил протоколите, независно дали студентот е дојден да полага предмет, или да заврши административна работа. На крајот истиот човек повторно дезинфицирал, а маските и ракавиците завршиле во означени корпи за отпадоци.

„На факултетот беше релативно празно попладнето кога пристигнав, внатре во него ги немаше вообичаените редици од студенти кои чекаат за полагање пред амфитеатар, или пак редиците пред студентски прашања. Напротив. Внатре на факултетот се’ беше регулирано онака како што и треба да биде, односно сѐ се одвиваше според правила и прописи, и сите луѓе од професор до студент, па се до чистачките и обезбедувањето се придржуваа строго према протоколот на Комисијата за заразни болести“, вели таа.

И полагањето со физичко присуство во амфитеатрите функционирало беспрекорно добро, тврди Наскова. Таа полагала Конституционализам во амфитеатар со малку луѓе. Немала чувство дека е загрозено здравјето на колегите и се одржувала физичка дистанца.

„Можам слободно да кажам дека се додека се почитува протоколот во факултетот, и ние како академски граѓани се придржуваме кон мерките, одењето во маркет претставува поголем ризик, отколку полагањето со физичко присувство внатре на факултет“, вели таа.

Студентот В.Ѓ од Шумарскиот факултет „Ханс Ем“ полагал онлајн. Тој ги очекува резултатите откако јунската сесија ја полагал преку Google Documents Survey.

Проблемите, вели тој, се појавиле со техничките пречки кои настанале кај дел од неговите колеги, како на пример снемување интернет или лоша поврзаност во текот на полагањето. Се случило компјутерот на негов колега да се ажурира на сред испит, а негова колешка имала проблем да го започне испитот бидејќи 10 минути доцнел мејлот со линкот од испитот, иако полагањето е ограничено на 40 мин, објаснува Ѓ.В.

„Во такви дадени ситуации нема како да се издејствува, тоа треба да се дискутира. Како моето право на полагање да го остварам ако имам технички проблем за време на мојот испит или колоквиум онлајн?“, прашува тој.

УКИМ влегува во „хибридна сесија“

Дека уште кога се спроведувале колоквиуми имало технички проблеми на некои факултети, потврдува и студентскиот лидер на УКИМ, Борјан Ефтимов. Сепак, сега за оваа сесија немаат такви информации, бидејќи најголем дел од испитите стартуваат по 15 јуни.

Борјан Ефтимов

Ефтимов објаснува дека Универзитетското студентско собрание (УСС) на УКИМ ја поддржува т.н. „хибридна сесија“. Односно, секој факултет, секој професор индивидуално одлучува за предметната програма – дали онлајн или со физичко присуство, по консултација со студентите и во зависност од спецификите на предметот.

„Ако професорот процени дека во моментов нема соодветно онлајн-решение, треба да се полага физички, притоа почитувајќи ги протоколите. Тоа е во согласнот со автономијата на професорот. Во однос на онлајн полагањето, исто е оставено на професорот, доколку нема намалување на квалитетот на испитот. Целата сесија е направена многу флексибилно“, потенцира Ефтимов.

УСС УКИМ периодов побараа отворање на студентските домови во текот на летото, со најстоги протоколи за заштита од Ковид-19. Сметаат дека на студентите од други градови им се потребни сместувачки капацитети. Сепак, МОН за Радио МОФ рекоа дека домовите би останале затворени до крајот на академската година. Причина за тоа гледаат во зголемената концентрација на луѓе и ризици за ширење на коронавирусот.

На Филолошки се фаворизира онлајн опцијата

Анкета на студентското собрание на Филолошки факултет при УКИМ покажа дека 68.6% побарале јунско-јулската сесија да биде онлајн. На анкетата одговараа 500 студенти.

Мира Беќар

Слично е со професорите од овој факултет, вели професорката Мира Беќар. Само 35% се согласиле за физичко полагање. Според Беќар, ситуацијата се менува од ден на ден, според бројот на заразени и мерките. Таа смета дека онлајн полагањето моментално е подобра опција, иако има „еден куп резерви за плагијаторство и препишување“.

„Наоѓаме начини да ги минимизираме или воопшто да не се случуваат. Постои и несигурност и анксиозност, бидејќи немаме однапред  договорена платформа на која би се вршело тестирањето. Се’ во моментов е оставено на лични искуства, снаоѓања и лични обуки. Имаме колешка која помага со обучување за exam.net. И, повеќето професори веројатно ќе се решат за тоа. Сесијата започнува од 15 јуни“, вели Беќар.

Во однос на физичкото полагање, потенцира дека наишле на проблеми. Пример, Катедрата за англиски јазик и книжевност има групи и со над 120 студенти.

„На почетокот, сметав дека подобро ќе биде испитувањето да се одвива физички, но кога се поставија условите, со тоа автоматски отпаднаа амфитеатрите, кои, во оваа зграда, немаат природна вентилација. Исто така, дезинфекцијата може да биде проблематична ако се повеќе луѓе. И, нели, треба колеги да чуваат по 10-15 студенти во еден куп простории, што значи поголем ризик. Многу работи не се координирани за да биде безбедно полагањето. Плус, студентите имаат проблем со престојот. Не им се отворени студентските домови. Студент треба да патува од Охрид, од Струмица“, констатира Беќар.

Професорката Софија Арнаудова од Филозофски факултет потенцира дека онлајн полагањето може да биде тешко заради вклучување на некои клучни чекори. Ова е прилично нов систем и за студентите, и за професорите, вели таа, па секако се очекувани одредени проблеми.

Софија Арнаудова

„Пред се’, податоците од интерното истражување на Факултетот, но и податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека интернет-поврзаноста и недостатокот на техника сè уште се проблем во руралните области. Oва е испит за сите нас – за Филозофскиот факултет да покаже подготвеност за едно ново време и нова ера, кога Декантот успеа во време на криза да вложи напори и инвестиции за студентите да имаат одлични можности за онлајн настава и онлајн тестирање, а секако можеби и идеја за во иднина и можност за заштеда на време и пари, како и олеснување на стилот на традиционалните методи“, нагласува Арнаудова.

Но, за неа како психолог, вели таа, во овој момент најважен е испитот на студентот – испитот на зрелост и свесност, кој учествува во формирањето на една личност.

„Сега е времето на студентите кога можат да ги покажат своите вистински вредности, и да покажат дека навистина се тие кои учат за знаење, а не за оцени, и да ги разубедат сите оние професори кои се двоумот во веродостојноста на онлајн тестирањето и можноста за злоупотреба. Сепак, секогаш ќе постои и онаа група на студенти, кои без оглед дали станува збор за онлајн или физичко полагање ќе се труди на полесен начин да дојде до оценките“, вели Арнаудова, нагласувајќи дека затоа со напори на Факултетот е обезбедена алатката exam.net за да се одржи академскиот интегритет на интернет-испитите.

И на ПМФ нема согласност за истит на факултет

Од Студентското собрание на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) соопштија дека поради што меѓу вработените имало регистрирани заразени со коронавирусот, испитната сесија наместо на 8 јуни – се одложува за испити со физичко присуство. За онлајн опцијата остануваат предвидените термини.

Ивица Милевски

Според Ивица Милевски, професор на Институтот за географија при ПМФ, физичкото присуство е незаменлив начин да се утврди знаењето на студентите. Меѓутоа, вели тој, кога има и над 100 заболени дневно, проблематично е и за професорите и студентите. Особено што не работат и домовите. Тоа го карактеризира како малтетирање и трошоци.

„Ќе реагираме вон вообичаени стандарди заради ситуацијата. Мислам дека поголемиот дел ќе се решат за електронско испрашување, единствено каде е невозможно, кога требаат лабораториите итн. Тука има и друга варијанта. Доколку навистина е неопходно физичко присуство, тоа да се помести во втора, односно трета декада – некаде после 1 јули. Или пак да се остави за септемвриска испитна сесија“, потенцира Милевски.

На ПМФ сесијата се пролонгираше до 15 јули. Онлајн испитите, нагласува тој, треба да бидат многу добро испланирани, за да „не излезе на виделина снаодливоста на некои студенти, отколку знаењето на други“.

„Треба внимателно да се пристапи. Не за друго, не треба да глумиме детективи, меѓутоа да има максимална објективност, да се види кој метод е најсоодветен“, нагласува тој.

УКЛО е генерално „за“ физичко полагање

Студентскиот лидер на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО), Дона Петрова вели дека досега немале посериозни проблеми со физичкото полагање. УКЛО е генерално „за“ овој пристап. Сепак, секој факултет за себе одлучува.

Дона Петрова

„Одлуката што гледам дека најчесто се носи на наставно-научните совети, е да биде со физичко присуство, но сите оние хронично болни и сите што живеат на повеќе од 50 километри кадешто е стациониран факултетот – да полагаат онлајн“, потенцира Петрова.

Таа раскажува и за исклучоци, бидејќи во меѓувреме не се пуштени сите меѓуградски линии, иако тоа требало да се случи до 1 јуни. Па, професорите се флексибилни и даваат можност, особено ако има млад човек од рурална средина и нема превоз. Олеснување имаат и со колоквиумските недели, првите од 1 до 20 јуни, а потоа и 17 до 22 август, пред да почне септемриската сесија.

„Се излегува во пресрет на студентите. Донесена е и одлука, со една пријава да можеш да полагаш два пати предмети. И, можеш да одбереш, нема да одиш сега, туку во септември. Ќе ти важи. Потоа, ги направија да бидат само испитни, а не казнени сесии, за да немаме дополнителни трошоци. Укинати се и таксите на универзитетот“, вели Петрова.

Според неа, здравјето на студентите е на прво место, па и на професорите и администрацијата, сите имаат доза на претпазливост.

„Универзитетот ги почитува протоколите. Насоки за влегување со маска, човек стои на страна, се мери и обрнува внимание студентите да бидат раздалечени, се поставуваа лепенки каде би се седело, се дезинфицира просторијата, се обрнува внимание колку луѓе ќе бидат присутни. По 9 студенти во училница, а 15 минути е слободно време за дезинфекција. Сето ова е за да нема пропусти“, констатира Петрова.

УДГ комплетно се пресели онлајн

Кога почна вонредната состојба, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип (УГД) доцнеше две недели со предавањата. После две недели ја воведе електронска платформа Microsoft teams. УГД е целосно во онлајн варијанта за полагање на сесијата.

Мирко Наџаков

Претседателот на студентското собрание Мирко Наџаков потенцира дека 70% од студентите се изјасниле против полагање со физичко присуство. И тука било проблем патувањето од други градови, не само од Штип, туку од цела Источна Македонија.

„Се собираат и во автобус, може и таму да се шири заразата… Затоа, за да се заштитат студентите, професорите, семејствата, ние побаравме и Ректоратот потврди со одлука за онлајн испити, како што досега се полагаа и онлајн колоквиуми. На пример, студентот ќе вклучи камера, ќе вклучи и професорот, и одговара на прашања на професорот“, објаснува тој.

Не е тајна дека и таму имаше технички проблеми при онлајн полагањето на колоквиумите. Имало жалби од некои студенти, но смета дека сега тоа е средено.

„Имаше некои поплаки од Медицина, поради практичните предмети, потребна е лабораторија и сл. Затоа, кога ќе има таков проблем, а верувам ќе има, студентите и професорот ќе си поднесат заедничко барање за конкретниот предмет до Ректоратот, кој ќе овозможи физичко полагање, според природата на предметот. Ќе се водат по рестриктивни мерки за да не се шири вирусот“, вели студентскот лидер од УКЛО.

Бојан Шашевски