Поголем дел од новозаразените се со лесна клиничка слика, во Штип ќе се тестираат 600 текстилни работнички

Покрај високите бројки на новозаразени со Ковид-19, нема пациенти кои се јавуваат во болниците, што значи дека поголем дел од нив се со лесна клиничка слика кои можат да се лекуваат дома, или еден сосем добар дел се асимптоматски носители, соопшти на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

„Тоа го потврдија епидемиолошките анкети. Во текот на вчерашниот ден направивме детален увид во анкетите во Центарот за јавно здравје во Скопје, каде една поголема екипа, практично составена од пет тимови работи на терен во повеќе скопски општини. Тоа значи дека добар дел од пациентите остануваат дома, и ни дава за право да кажеме дека здравствениот систем и со овој бран добро ќе се справи, има сосем доволен број на болнички кревети, кадар во болниците, респираторни машини“, изјави Филипче.

Министерот посочи дека околу 70% од сите нови случаи се од веќе познати кластери, пред се од општините Чаир и Сарај, каде додава дека изминатите денови интензивно се работело.

„Денеска веќе во Сарај нема голем број на новодијагностицирани, само двајца, значи тука ситуацијата е спласната. Останува интензивна работа во населбата Чаир, тука работат овие тимови од ЦЈЗ кои што ги споменав. И денеска интензивно се работи и во Студеничани, од каде што се овие луѓе кои денеска се анкетираат и за кои резултати ќе има во текот на утрешниот ден“, посочи Филипче.

Новодијагностицираните пациенти во Штип, Филипче посочи дека се поврзани со претходно дијагностицираните, вработени во неколку конфекции.

„Денеска екипа од МЗ, Државниот санитарен здравствен инспекторат престојува во Штип. Се направи увид во работата на ЦЈЗ. На локалниот кризен штаб кој го води градоначалникот, беше донесена одлука да се затворат пет конфекции до следниот понеделник, за кој период близу 600 вработени ќе бидат истестирани и тие во меѓувреме нема да претставуваат ризик за другите луѓе со кои што работат“, најави Филипче.

Согласно анализите, Филипче додаде дека е констатирано дека нема неконтролирано ширење на вирусот, и додаде дека утринава на состанокот на Комисијата за заразни болести било разговарано и за евентуално воведување на дополнителни рестриктивни мерки, но заеднички став било дека ќе се почекаат податоците од следните два до три дена, а потоа да носи одлука.

„Во меѓувреме, поинтензивно Министерството за внатрешни работи да работи на контрола на теренот, за имплементација на мерките кои што се веќе на сила. Притоа за дополнителни рестриктивни мерки се сметаат, ограничување на движењето, во смисла на карантин, за одредени делови, каде што има поголем број на дијагностицирани пациенти и воведување на полициски час, повторно, локализирано, таму каде што тоа ќе биде индицирано“, изјави Филипче.

Во однос на отворањето на границите, Филипче соопшти дека тоа ќе се дискутира во следните денови, согласно новите податоци.

Инаку, денеска во земјава се регистрирани седум починати, 89 новозаразени и 17 оздравени од Ковид-19. Од новозаразените, 35 се во Скопје, 27 во Штип, 12 во Куманово, седум во Тетово, четири во Кочани и по еден во Прилеп, Гостивар, Струмица и Свети Николе.

Седум починати, 89 новозаразени и 17 оздравени пациенти од Ковид-19 во изминатото деноноќие

Мартин Колоски