Седум починати, 89 новозаразени и 17 оздравени пациенти од Ковид-19 во изминатото деноноќие

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека се регистрирани седум смртни случаи од Ковид-19. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починал пациент од Тетово на 54-годишна возраст.

„Во ГОБ „8 септември“ починаа 6 лица, двајца од Скопје на возраст од 83 и 80 години, двајца од Куманово на возраст од 73 и 66 години, еден пациент од Струга на 44 години и еден од Тетово на 65 години“, соопштуваат од МЗ.

Од МЗ информираат дека се потврдени 89 нови случаи на Ковид-19, односно, регистрирани се 35 случаи во Скопје, 27 во Штип, 12 во Куманово, седум во Тетово, четири во Кочани и по еден случај во Прилеп, Гостивар, Струмица и Свети Николе.

Институтот за јавно здравје регистрирал 17 оздравени пациенти, односно, 12 во Прилеп, три во Влес и два во Скопје.

„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2315, бројката на оздравени пациенти е 1569, на починати е 140, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 606“, стои во соопштението на МЗ.

Во последните 24 часа, велат од МЗ, направени се 727 тестирања. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие 312 теста се во рамките на скринингот во градинки и геронтолошки установи, а регистрирани се три позитивни случаи во геронтолошка установа во Скопје.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во изминативе 24 часа примени се двајца пациенти, а моментално се хоспитализирани вкупно 45 пациенти. Од нив, потешко болни и на кислородна поддршка се 16 пациенти, а нема пациенти на механичка вентилација.

Во болницата „8-ми Септември“, пак, примени се пет нови пациенти, а се хоспитализирани вкупно 30 пациенти. Од нив, на респираторна машина се тројца, a со потешка клиничка слика се 9 пациенти.

„Во болницата во Битола се хоспитализирани 5 пациенти, а на домашно лекување се следи 1 пациент. Во болницата во Штип се хоспитализирани 15 пациенти, а на домашно лекување се следат 15 пациенти во стабилна состојба. На инфективните одделенија во Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 27 пациенти – позитивни и сомнителни на Ковид-19“, додаваат од МЗ.

Досега во земјава се направени вкупно 30.302 тестирања на Ковид-19.