Поголем буџет, дигитализација на факултетите… што предлагаат кандидатите за студентски лидер на УКИМ

Пленумец и поранешен претседател на Студентскиот парламент при Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство се во трка за иден студентски лидер на Универзитот „Св. Кирил и Методиј“.

Студентите Борјан Ефтимов од Правниот факултет и Александар Ѓорѓиевски од ФИНКИ синоќа на речиси двочасовната дебата на Градежниот факултет ги споделија ставовите и идеите од нивните потенцијални програми за работа.

Стекнување на легитимитет меѓу студентите, целосна дигитализација на универзитетот, помош за реновирање на студентските домови и поголема отвореност и транспарентност на студентските тела се дел од точките на кои се зборуваше на јавната дебата. И до денот на изборите, програмите за работа не се достапни за јавноста да ги прочита.

Првата организација во која Ѓорѓиевски бил член, а потоа и заменик-претседател, за на крај да стане и претседател на Студентскиот парламент на ФИНКИ по изборите во 2016 година. Покрај ова, соработувал и со еколошки организации на проекти поврзани со аерозагадувањето, а во моментов е претседател на Факултетското-студентско собрание (ФСС) на неговиот факултет.

Ефтимов, пак, истакна дека бил дел од Студентски пленум и се борел за универзитетската автономија. Во моментов, тој е дел од ФСС на Правниот факултет и Студентската организација на истиот факултет.

Како да се врати довербата кај студентите?

На ова прашање Ѓорѓиевски одговори дека решението е во вклучување на студентите преку организрање на обуки, работилници, практична работа, дружба и настани. За тоа, како би реагирал при притисоци од професори или Ректоратот, тој вели:

„Мислам дека можам да се носам со авторитет добро. Исто така, секоја одлука којашто ќе биде донесена на Собранието, како претседател ќе ја изнесам.“

Ефтимов, пак, е уверен дека нема да се потчинува на факултетот или на каков било друг центар на моќ.

„Минатата недела имаше проблем со уписите за семестар. Речиси половина генерација ќе го изгубеше правото на студирање поради некаков услов со кредитите, кој претходно не беше најавен. ФСС на Правен изгласа дека доколку не се укинат условите, ќе започнеме со бојкот на уписите и физички нема да дозволиме да се упишат студентите на Правен факултет. Попуштија после една недела“, сподели тој.

Во неговата програма, Ефтимов предлага отворање на веб-страница преку која Универзитетското студентско собрание би им дало увид на студентите за својата работа, а со јавни настани на сите факултети би ги прашале студентите кои се нивните проблеми.

Кои се приоритетите на кандидатите?

И двајцата кандидати се согласија дека има многу проблеми и предизвици кои стојат пред нив и мора заедно да се работи во нивно решавање.

За Ефтимов, најважна точка од неговата програма е поголем буџет за УКИМ кој државата го одвојува, а кој би се наменил за инвестирање во амфитеатрите, читалните, па дури и во тоалетите на факултетите. Но, и за културен центар како автономен простор за студентите кои самите би го управувале  и финансирање на научно-истражувачки конференции за нив.

Сепак, според Ѓорѓиевски, приоритет е да добијат легитимитет од студентите. Само тогаш, истакна тој, ќе може да се направат промени.

„Доколку немаме легитимитет, поддршка од нив, тогаш мислам дека и да имаме буџет нема да може да направиме ништо“, рече тој.

Во однос на пријавувањето проблеми на факултетите, и двајцата истакнаа дека студентскиот правобранител е механизмот кој ќе се користи поактивно, а кој редовно ќе треба да дава извештаи за работата до ФФС за тоа како постапувал по поплаки на студенти кои ќе стигнуваат на мејл адреса со цел да се има увид на неговата работа.

Која е првата работа што би ја направиле ако има средства?

Според Ѓорѓиевски, во еден ваков хипотетички случај, тој одговори дека би се фокусирал да им помогне на студентите во студентските домови.

„Многу студенти се сместени во услови што не им доликуваат. Доколку би имал моќ, доколку би имал пари би вложил во тоа, затоа што знам како е за еден студент да седи 4 години во такви услови, во влага, во мувла, во несоодветни услови“, смета тој.

Ефтимов, од друга страна, предлага да се искористи шансата и да се притисне Универзитетот кон негова дигитализација. Ова, смета тој, ќе го олесни функционирањето на факултетите.

„48 часа чекаме за еден печат од прв до трет спрат и после уште 2 недели да ни одговорат на барањата кога не толку далеку, во Штип функционира целосно дигитално“, образложи Ефтимов.

Студентите кои ја слушаа дебатата, ги интересираше и колку Ѓорѓиевски би имал капацитет да биде во исто време лидер на студентите на ФИНКИ и на УКИМ и како би се избегнала фаворизација на студентите од неговиот факултет. Покрај ова, тој во неколку наврати доби прашања од публиката да го сподели својот став за начинот на кој се спроведоа студентските избори во 2016, кога имаше индиции за нерегуларности, а за време на протестот пред седиштетот на Студентскиот парламент, интервенираше и единица на ЕБР. Во тоа време, Ѓорѓиевски бил потпреседател на СП на ФИНКИ.

Сепак, тој нагласи дека не бил запознаен со целиот изборен процес и дека не бил присутен кога тоа се случувало.

Кои се слабите страни на кандидатите за студентски лидер на УКИМ?

Ова прашање ја заокружи дебатата. Ѓорѓиевски сподели дека тоа е јавното говорење, додека Ефтимов се пошегува со неговата немоќ да проценува луѓе.

Синоќешната дебата дојде по барање на самите кандидати откако првичната седница за избор на студентски лидер се одложи минатата недела бидејќи имаше реакции дека не се знае доволно за нив и нивните програми.

Изборите ќе се одржат денеска од 17 часот во главната сала на Ректоратот при УКИМ.

[Инфографик] Кои се двајцата кандидати за студентски лидер на УКИМ и што предлагаат во програмите?

Емилија Петреска