[Подкаст] Мегафон: Протести и иницијативи во време на Ковид-19

Еден убав јунски ден од пандемичната 2020-та стана прилично неубав за граѓаните на Гостивар. Градот цел во чад, а луѓето – репризно се гушат. Тоа го вклучи алармот и отвори нова борба за долгогодишниот проблем со Русино. Граѓани застанаа против дивото ѓубриште од Русино, за да спречат ново трупање на отпад, палење и ново загадување.

„Стоп Русино“ е дел од иницијативите кои периодов беа активни под маски во време на Ковид-19. Иницијативи кои бараа начин да се самоорганизираат, да застанат зад своето право на протест и да вршат притисок за поквалитетен живот, социјална и еколошка правда. Овие иницијативи сe во фокус на првата епизода од четвртата сезона на „Мегафон“.

Активистката Марија Спасовска вели дека кога гори во Русино, со денови и недели не можат да отворат прозорец. „Штипе на гради“ дури и повеќе од најзагадените денови во скопско Лисиче.

„Кога таму чади, Гостивар директно го чувствува, и го чувствува веднаш. Да не зборуваме за другите влијанија коишто веќе долги години ги чувствуваат жителите на Бањица. Кој и да се качи горе сега на депонијата може да види дека исцедокот којшто е формиран од тој отпад, којшто долги години е депониран таму, е црн како ‘Кока-кола’, буквално. И тој исцедок, како што си се симнува течноста од 800 метри надморска височина, кај што се наоѓа ова диво ѓубриште, се слева во Бањичко поле, во околните реки и понатаму ја загадува цела животна средина“, потенцира Спасовска.

Нејзината соборка Анастасија Дукоска вели дека иницијативата се ширеше на Фејсбук. За почеток, граѓаните се здружија преку дефиле. Одлучија на протест со 300 коли. Големиот одзив говореше дека поддршката од Фејсбук групата – е реална. Дека треба излезат да го решаваат својот проблем, додека земјава и светот решава друг проблем со Ковид-19.

„Затоа и со тешко срце го одлучивме протестот да биде со коли, првиот. Баш поради тоа. Заради тоа што имавме и, не можам да кажам дека биле злонамерни коментари, него коментари како ‘дечки се борите за чист воздух, а излегувате со кола на протест’. И, тоа е она кога истапуваме со објаснување, или ќе беше така, или немаше да биде – никако. И, сега, од двете зла го бираме она помалото, за да го искажеме револтот, моравме со коли. Беше олеснителна околност кога луѓето слушнаа дека е со коли, дека нема физички контакт, близина, бидејќи имаше јасно и гласно најавено дека не може да се излегува од автомобилите. Можете да излезете обавезно со маски, значи излегувате низ прозор – викајте, или свирете со кола. Тоа е тоа“, се присетува Дукоска.

Гостиварци од 2 август, на Илинден, почнаа со блокада на Русино. Граѓани неуморно стражареа и ја спуштија рампата за да не може да се депонира отпад. Ги блокираа сите камиони освен оние на општина Гостивар, за која Дукоска вели дека се одзвала на повикот да се затрупа депонијата и да прекине горењето.

„Значи, имавме одредени барања со кои практично го условивме Гостивар – ако сакате да фрлате, ако сакате да помогнете… Мора да направите ова, ова, ова и ова. Во кое најглавно ни беше – да не гори. Затоа што од тоа горење ние излеговме. И, имавме поддршка од народот за ова што го правиме, затоа што веќе 60 дена Гостивар дише чист воздух и ПМ честичките, во споредба со тоа какви беа пред 2 месеци, од 600 спаднавме на 0 и на 8“, вели Дукоска.

На средба со институциите, последно беше градоначалникот Арбен Таравари да потпише дозвола за брзи мерки за инфраструктура во Русино. Истовремено, Регионалниот план за управување со отпад во Полошкиот регион, дополнет со план за изнаоѓање нова локација во рок од пет години, да биде одобрен од општините во регионот.

Оттука, борбата на иницијативата продолжува. Активистките се присеќаат дека досега работите одеа динамично, многу нешта требало да се испланираат набрзина. Сепак, задоволни се со трудот и сплотеноста на локалните граѓани.

„И ние научивме некои работи. Не само за активизам, туку, и луѓето ги спознаваш околу себе. Многу беше убаво затоа што Гостивар е мешан град, целосно. И многу е убава онаа енерија која ќе се собере на едно место, и во суштина – тоа е тоа. Сите луѓе во основа сме исти. Луѓето мора да сфатат дека не е залудно некогаш кога кажуваш гласно што треба да се смени. Значи, не се сите тие борби ‘во ѕид и во празно’. Вака или онака, ако си доволно истраен и ако твоите барања се основани – некој ќе те слушне“, вели Спасовска.

„Нема да прекинеме. Значи, не е работата, ајде ќе пробаме, па ќе се откажеме ако не може на првата препрека. Ние имаме многу препреки, многу препреки! И, уште ги прескокаме!“, нагласува Дукоска.

– – – – – – – – – –

Додека гостиварци блокираа, најавата за поскапување на струјата донесе протести низ повеќе македонски градови. Револтот се излева по улиците секој петок. Меѓу демонстрантите во Скопје се и активистите поврзани преку социјалниот центар „Дуња“ и Социјалистичка зора.

Активистката Џејлан Велиу раскажува дека другари што беа активни преку разни иницијативи и протести, сега повторно се ангажираат за социјални и еманципаторски прашања. Делуваат и преку протестите, и преку онлајн подкасти на платформата „Гласни идеи“. Уште во март – направија и петиција за воведување евтина тарифа на струја во текот на целото деноноќие, која ја потпишаа 40.000 граѓани.

„Не можевме да прифатиме нашата политичка активност да замре, особено не во период кога пандемијата најави испуштање работници од работни места и воопшто социјална несигурност и сиромаштија. Додека баравме укинување на скапата тарифа за време на кризната состојба која настана поради пандемијата, капиталистите преку нивната Регулаторна комисија без трошка срам одлучија да ја покачат цената на електричната енергија, и тоа во услови на намалени плати и зголемена невработеност“, забележува Велиу.

Одлуката одекна во јавноста. Протести во Скопје стартуваа група граѓани од Чаир, а „Гласни идеи“ активно учествуваат и помагаат на разни начини. Изминатава година организираа и теренска акција, за Денот на трудот. Не прифаќаа да останат тој ден дома, да остане денот незабележан, а имале и дополнителни мали акции.

„Народски кажано ‘кога ќе дојде нож до коска’ – никој не мисли на тоа дали ќе се зарази или не, туку секој гледа дали до утредента или до крајот на месецот ќе има што да јаде, како да се прехрани. Затоа сметаме дека протестите се потребни, нормално, со запазување на сите мерки за носење маска и одржување дистанца“, потенцира Велиу.

Велиу вели дека е тешко, но ќе продолжат. Протестите се одвиваат секоја недела, обично во петок. И тоа во различни облици, некогаш во форма на блокада, некогаш како маршеви. И за 25 септември беше планирана блокада на две раскрсници, меѓутоа, вели Велиу, полицијата не дозволи да се пријави протестот, со аргумент дека доаѓала странска делегација. Истиот тој ден беше планиран и протест за Глобалниот ден за климатска акција, собир кој беше дислоциран спроти Владата.

„И сега, јас се прашувам – дали ние сме толку опасни, па да им наштетиме на странската делегација и затоа не ни дозволуваат да протестираме, или пак од друга страна власта се срами од незадоволството на народот? Јас мислам дека е второто“,

– – – – – – – – – –

„Сакаме слобода!“

Седнати на тротоари, вака скандираа млади активисти спроти Владата на 25 септември, како одговор на притисоците да го дислоцираат својот собир. Таму се приклучија и „Гласни идеи“ и Социјалистичка зора, на протест организиран од Петоци за иднината, Студентското собрание на УКИМ и Сојузот на средношколци.

Младите побараа системски промени, климатска правда, но и климатско образование во училиштата, што е токму една од заложбите на Сојузот на средношколци.

Претседателот на Сојузот, Бленди Ходаи, раскажува дека се развиваат од 2017-та година, со цел да се прошират низ цела држава и да станат унифицирана платформа за средношколците. Пандемијата, од друга страна, вели тој, покажа дека онлајн наставата е неефикасна и надлежните не знаеја што е дигитализација во образованието. Затоа и периодов протестираа под маски и бараа комбинирана настава.

Продолживме да работиме, да бидеме свесни какви права имаме, и да бидеме свесни затоа што секој има пристап до образованието. Со онлајн настава 40.000 средношколци, ученици немаат пристап до ICT means. Да бараш комбинирам модел на наставата е легитимно право, и да бараш од институциите да бидат посериозни на нашите барања, затоа што во Влада образованието секогаш се зборува на последните 10 минути“, смета Ходаи.

Сојузот функционира во 18 градови низ Македонија, а мрежата опфаќа и средношколци Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби… На почетокот, објаснува Ходаи, тешко било да се организираат протести во пандемијата, бидејќи имало и група на средношколци што сакала наставата да продолжи онлајн, па морале да најдат компромис. Најважно било да се здружат, до институциите да бараат средношколците да бидат и донесувачи на одлуки за ученичкиот живот.

„Не може некој што цел ден е во канцеларија, да донесе одлука за мене што цел ден сум во училница. Така што, мислам дека целта за тоа што се бориме моментално, покрај тоа за комбиниран модел на наставата е да бидеме дел на донесување на одлуки. Кога ќе има инклузивен пристап, не само средношколците, туку и студентите, родителите и наставниците, мислам и мислиме како Сојуз на средношколци, дека нашата држава ќе има прогрес“, констатира средношколецот.

Сојузот во текот на октомври ќе следи како ќе се одвива пандемијата и како ќе се одвива учебната година со далечинското учење. Ако состојбата со Ковид-19 е постабилна, Сојузот во ноември ќе бара учениците постепено да се вратат во клупите со комбиниран модел на настава. Дотогаш бараат власта да обезбеди уреди за онлајн настава за секој ученик.

Како и други иницијативи и организации, остануваат будни, за да реагираат кога институциите ќе носат штетни одлуки и штетни политики.

Бојан Шашевски