Подиум-Јадро од Кавадарци организира театарска претстава на отворено „Нови мерки, старо другарство“

Културно социјалниот простор Подиум-Јадро Кавадарци вечер (вторник, 14 јули) од 19:30 часот го организира својот прв настан – театарската претстава на отворено под наслов „Нови мерки, старо другарство“.

„Во претставата Денис, Ема, Нина и Тоше – четворица другари кои се соочуваат со новите правила на друштвените игри. Вонредната состојба донесе и вонредни правила во игрите на улица. Дали новите правила ќе направат промени во нивното друштво или се’ ќе остане по старо? Дали ќе можат да ги променат старите навики за да се прилагодат на новото време? Прилагодувањата се тешки, но овие четворица другари мора да најдат начин да си играат по новите правила…“, се вели во најавата за претставата.

Претставата „Нови мерки, старо другарство“ е наменета за деца и млади на возраст од 5 до 16 години, а ќе се одржи во градскиот парк „Љупчо Шкартов“ во Кавадарци.

Настанот е дел од проектот „Учествуваме, застапуваме, менуваме – демократизација и децентрализација на јавните простори и јавните добра преку нов модел на институција на јавно-цивилно партнерство 0.2“ на ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена поддржан од Министерството за култура.

Инаку, Културно социјалениот простор Подиум-Јадро од Кавадарци е формиран во декември 2019 година. Се работи за хибридна установа од областа на културата основана преку јавно-цивилно партнерство помеѓу Општина Кавадарци и ЈАДРО.

КСП Подиум–Јадро е втора установа од ваков вид во нашата држава, после КЦП Центар–Јадро од Скопје основана во соработка со Општина Центар, за која Радио МОФ веќе пишуваше изминатиов период.

[Интервју] Ѓорѓе Јовановиќ: Центар-Јадро е место за културни настани по модел на цивилно-јавно партнерство

„Овој нов модел, кој е втемелен на партнерство помеѓу локалната власт и еден поширок фронт на граѓанска мрежа, составена од организации, поединци и неформални групи активни во полето на современата култура и уметност, обезбедува суштинска децентрализација на моќта во културата. Новиот модел од јавно-цивилно партнерство на институцијата е од значење на културниот развој, каде со обединување на локалните и националните иницијативи заедно со организациите и поединците од независната културна сцена ќе се произведуваат општествено добро низ дирекна демократија. Оваа установа се формира како резултат од потребата од простор, место каде што слободно ќе се изразува независната културна сцена, независната критичка мисла преку современите социо-културни практики, подиум во кој ќе создаваат автономни, само-организирани содржини, и јадро во кој, заедно со граѓаните и пошироката заедница ќе се случува и развива урбаниот живот. Место во кое ќе се артикулира и разменува нашиот урбан, интелектуален, критички и творечки капитал“, велат од Подиум-Јадро.