Поддршка за бегалците: масовен протест во Виена, Исланѓани ги нудат своите домови

Околу 20 000 луѓе синоќа протестираа на улиците во Виена во знак на поддршка за бегалците и против лошиот однос кон нив, откако минатата недела се случи трагедија во која, на напуштен автопат беше пронајден напуштен камион со тела на 71 бегалец. Во Исланд пак, 10 000 граѓани најавија дека ќе ги отворат своите домови за бегалците. Поддршка за луѓето кои бегаат од Блискиот Исток дадоа и граѓаните од повеќе европски држави.

Со пароли „Бегалци, добредојдовте“ и „Не сакам Европа да стане масовна гробница“, демонстранти од сите возрасти пешачеле од градската железничка станица до плоштад, јави Гардијан.

Додека марширале полека низ градските улици, демонстрантите пееле австриски поп песни за љубовта и солидарноста, а за возврат добиле аплауз од минувачите.

Меѓу демонстрантите имало голем број родители со деца во рацете, а полицијците ја следеле поворката со симнати шлемови. Голем дел од луѓето во поворката биле облечени во бело и застанале пред зградата на Парламентот, каде запалиле свеќи.

Во меѓувреме, во градската катедрала се одржала миса во спомен на починатите бегалци.

„Доста ни е смрт, страдање и прогон“, рече архиепископот на Виена, кардиналот Кристоф Шоенборн, на мисата, на која присуствувале и клучните луѓе од австриската влада.

„Погледнете колку нè има, и ние може да ги придвижиме работите“, им се обратила на демонстрантите организаторката на демонстрациите Надја Рида, која ја обвини Европа за „политички неуспех“ и „нечовечки третман“ на бегалците.

Протестот се одржа откако вчера пристигнале рекорден број од 3650 мигранти во Виена, голем дел од нив со воз, кои со часови биле блокирани на австриско-унгарската граница.

Исланд пак, неодамна соошти дека сака да помогне во надминување на хуманитарната катастрофа во Сирија, поради што илјадници се принудени да бегаат во Турција, некоја од европските земји и пошироко. Исландската влада понуди да земе 50 сириски бегалци во Исланд, земја со околу 330 000 население.

Како одговор на оваа безначајна помош, повеќе од 10 000 Исланѓани организирани преку Фејсбук страница понудија да згрижат бегалци во своите домови.

„Јас сум самохрана мајка, со шестгодишен син. Можеме да згрижам дете кое има потреба. Јас сум учителка и ќе можам да го научам детето да зборува, чита и да пишува на исландски јазик и да се вклопи во исландското општество. Ние имаме облека, кревет, играчки, се што на едно дете му е потребно“.

Исландската влада одговори дека ќе размисли за зголемување на квотите за бегалците. Тие велат дека ќе се обидат да го најдат вистинскиот начин на кој би им помогнале на мигрантите со цел да покажат солидарност кон нив.

Изминатиот викенд, фудбалски навивачи на терените во Германија, Шкотска, Грција, и други европски земји, за време на домашните првенства со банери порачаа дека бегалците се добредојдени.

Неодамна, околу 1.200 граѓани во германскиот град Хале заеднички појадуваа со бегалците во овој град. Оваа реакција беше своевиден протест на жителите против ксенофобичната политика на Народната демократска партија.Тие поставија маси со храна на централниот плоштад и ги поканија сите граѓани и бегалци заедно да им се придружат на појадок.

Според Меѓународната организација за миграција (ИОМ), најмалку 350.000 мигранти и бегалци од почетокот на годината ги ризикувале своите животи преминувајќи го Средоземното Море, а околу 2.600 починале во текот на опасното патување кон Европа. Нивната бројка оваа година е далеку поголема од претходната година кога Средоземното Море го поминале 219.000 мигранти.