Почнува судењето за „крвавиот четврток“, група граѓани на протест пред судот

Денеска започнува судењето на 28 лица обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и уште двајца за помагање на делото, поради насилниот упад во Собранието на Република Македонија на 27-ми април минатата година.

Обвинителството тврди дека обвинетите координирано вршеле насилство за да се оневозможи функционирање на Собранието, загрозувајќи го животот на пратеници, новинари, овластени службени лица и на вработените во законодавниот дом, притоа создавајќи чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните.

Пред суд ќе се најдат поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, пет пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Крсто Мукоски, Сашо Василески, Јохан Трчуловски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов, водачите на здружението „За заедничка Македонија“, три овластени лица од МВР и други лица кои биле дел од упадот во Собранието.

Група граѓани претпладнево се собра на протест пред Основниот Суд Скопје 1, со повеќе транспаренти преку кои се бара слобода за обвинетите за „крвавиот четврток“.

Од обвинетите, 11 се во притвор, 13 се во куќен притвор, а осуммина имаат мерки за претпазливост и гаранции.

Процесот ќе го води судијката Добрила Кацарска, која досега закажа 37 последователни термини за главната расправа, додека обвинител ќе биде Вилма Русковска, од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.