ОЈО: На „Крвавиот четврток“ 30 лица координирано вршеле насилство за да се оневозможи функционирање на Собранието

Повик во 14:30 часот за да започне акцијата, организирана група со фантомки, телефонска комуникација по која се отвориле собраниските врати, лице кое посегнало по пиштол движејќи се кон Заев, две импровизирани бомби и непознати организатори на „Крвавиот четврток“, по кои уште се трага. Ова се дел од деталите кои го соопштија од Основното јавно обвинителство за обвинението против 30 лица за насилниот упад во македонското Собрание од 27-ми април минатата година кое го доставија до Основниот суд „Скопје 1“.

28 лица се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, додека две лица се обвинети за помагање при вршење на ова кривично дело.

Според Обвинителството, обезбедени се докази дека обвинетите, со намера да оневозможат избор на претседател на Собранието, предизвикале акти на насилство со што го загрозиле животот на пратеници, новинари, овластени службени лица и на вработените во законодавниот дом, и притоа создале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните

„Обвинетите извршувале повеќе поврзани и усогласени дејствија, за мобилизирање на членството на неколку здруженија и на други лица за насилно влегување и вршење насилство во Собранието на Република Македонија. Обвинетите дејствувале од различни позиции и различни групи, но во содејство и во координација и сите имале иста цел – да се оневозможи натамошното функционирање на новото парламентарно мнозинство и функционирањето на Собранието“, изјави обвинителката Елизабета Недановска.

Обвинети се три овластени лица од МВР кои биле носители на „златна“ и „сребрена“ команда, кои иако биле континуирано известувани дека животот на пратениците, новинарите и вработените во Собранието бил загрозен, не издале наредби за дополнително ангажирање на полициски сили, а не издале ниту наредба за евакуација на Собранието со што овозможиле непречено да се изврши упадот и да се врши насилство.

Едно лице е обвинето дека на денот на нападот преку телефонски повик во 14:30 часот било известено да ја започне акцијата, по што со уште неколкумина други обвинети го мобилизирале членството од Скопје со цел да извршат насилен напад во Собранието, однапред знаејќи дека објектот не е соодветно обезбеден и заштитен од полицијата. Според Обвинителството, овие 10-тина обвинети организирале поголема група луѓе на кои им донеле маски-фантомки и заедно со нив, по претходен телефонски повик, во 18:58 часот се упатиле кон Собранието, каде веќе имало насобрани граѓани кои протестирале.

Друга група, на четворица обвинети, како организатори на движењето „За заедничка Македонија“, ги повикале и ги повеле насобраните граѓани кон Собранието и со потпалувачки говори ја разгорувале нивната нетрпеливост. Поттикнатите граѓани, заедно со лицата со маски, се упатиле кон влезната врата на Собранието.

Според Обвинителството, во зградата на Собранието, еден од обвинетите пратеници остварил телефонски разговор со обвинет кој бил пред вратата и чекал.  Потоа петмината пратеници, заедно со уште тројца од собраниското обезбедување, отвориле две влезни врати со што бил овозможен упадот во Собранието.

Според обвинението лицата биле насочувани каде да се движат низ Собранието. Во прес-салата физички ги нападнале пратениците, а додека траело насилството, едно лице тргнало кон тогашниот лидер на опозицијата, Зоран Заев, посегнал по пиштолот кој го носел но не испукал бидејќи Заев бил заштитен од обезбедувањето. Во нападот се користеле сите можни предмети за да се нанесе повреда на пратениците и новинарите, а поставени биле и две импровизирани експлозивни направи под бироа во две посебни канцеларии.

Двете лица, припадници на МВР, кои се обвинети за помагање на кривичното дело одзеле два хард-диска за да се прикријат трагите од насилниот упад.

„Покрај за обвинетите, истрагата утврди дека во организација на настаните од 27-ми април, биле вклучени и одреден број засега непознати лица, за кои истражните дејства продолжуваат за целосно расветлување на случајот“, додаде Недановска.

Од ОЈО информираа дека со обвинението до судот доставиле и предлог за продолжување на мерките притвор и куќен притвор за обвинетите.

За 4 лица постапката е прекината бидејќи лицата не се достапни за органите на прогонот, а за едно лице постапката е запрена, бидејќи Обвинителството не обезбедило докази дека лицето извршило кривично дело.