Почнува снимањето на филмот „Златна петорка“

Идната седмица ќе започне снимањето на долгометражниот игран филм „Златна петорка“, во режија на Горан Тренчовски.

Филмот е замислен како фикција за една прекината и за една започната љубов, меѓу коишто лебдат копнежот и предавството. Во филмската приказна водат протагонисти кои речиси цел живот бегаат од апсурдните гревови на минатото, се додека еден преживеан сведок не најде нови траги кои наведуваат на досието од 1951 при што е ликвидирана група студенти од Струмица.

Сценариото за овој македонски филм е работено по драмски и прозни мотиви на писателот Братислав Ташковски, а него го потпишуваат Елеонора Венинова и Билјана Гарванлиева заедно со косценаристот Тренчовски. Продуцент е Дејан Милошевски, директор на фотографија е Апостол Трпески, сценограф е Кирил Спасески, костимограф Нела Тодоровска, шминка Ирена Сенокозлиоска, тонот е на Дарко Спасовски-Пацки, една музичка нумера во филмот изведува групата „Баклава“, а филмот ќе го монтира Андрија Зафрановиќ.

Во филмот играат актерите: Славко Штимац, Јана Стојановска, Љупка Џундева, Игор Ангелов, Петар Арсовски, Васил Михаил, Ненад Милосављевиќ, Билјана Таневски, Александар Ристевски, Влатко Илиевски, Григор Јовановски, Игор Тодоров, Виктор Јакимовски, Дине Дрваров, Стојан Велков и други.

Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на РМ Филмот е во продукција на „Револушн“ – Скопје, копродуценти се Македонската телевизија и Арт-попкорн од Белград, а помагатели на проектот се Општина Струмица, Босилово и Василево.Според најавите, се очекува да биде завршен за кино-прикажување следната година, со премиера на некој од светските филмски фестивали.