Кастинг за филмот „Златна петорка“ во Струмица и Скопје

Долгометражниот игран филм под работен наслов „Златна петорка“ влегува во фаза на продукција. Кастингот за одредени улоги и за статисти за играниот филм под работен наслов „Златна петорка“ ќе се прави на 28 јули (вторник) во Домот на АРМ во Струмица и на 31 јули (петок) во „Вардар филм“ во Скопје.

Играниот филм е во режија на Горан Тренчовски и е замислен како фикција за една прекината и за една започната љубов, меѓу коишто лебдеат копнежот и предавството. Во филмската приказна водат протагонисти кои речиси цел живот бегаат од апсурдните гревови на минатото, сѐ додека еден преживеан сведок не отпрета некои нови траги кои наведуваат на досието од 1951 при што е ликвидирана група студенти од Струмица.

Сценариото е работено по драмски и прозни мотиви на Братислав Ташковски, продуцент е Дејан Милошевски, директор на фотографија е Апостол Трпески, сценограф е Кирил Спасески, а филмот треба да го монтира Андрија Зафрановиќ.

Снимањето на филмот ќе започне во втората половина на септември. Филмот се очекува да биде завршен за кино-прикажување напролет со премиера на некој од светските филмски фестивали. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на РМ, а главен помагател и партнер на филмската продукција е Општина Струмица. продуцент е „Револушн“ – Скопје, а копродуцент е Македонската телевизија.