Почна процедурата за одземање на ингеренциите на Општина Свети Николе за регионалната депонија

Министерството за животна средина ја почна процедурата за одземање на ингеренциите на Општина Свети Николе за проектот регионална депонија. Општината ќе нема ингеренции, но ќе има претставници во новото регионалното комунално претпријатие. За овој проект обезбедени се 46 милиони евра од ЕУ.

Од сите општини во североисточниот дел на Македонија, Општина Свети Николе е против изградбата на регионална депонија на нивна територија, кај селото Мечкуевци. Советот на Општина Свети Николе е против изградба на фабрика за отпад и депонија.

Од Министерството за животна средина појаснуваат дека одземањето на ингеренциите ќе биде само во делот на функционирање на регионалното комунално претпријатие за управување со депонијата. Двајца жители на Свети Николе ќе бидат предложени од Министерството за да бидат претставници во новото комунално претпријатие.

За годинава е планирано да се распише и тендерот за изградба на регионалната депонија која ќе опслужува 18 општини. Веќе се добиени камиони и контејнери за отпад, но не е започнат и процесот на чистење на депониите и изградба на претоварните станици.

На овој проект се работи веќе 12 години, а инвестицијата е обезбедена преку грант од Европската Унија вреден 46 милиони евра.