Почина Стојан Андов, првиот претседател на Собранието на Македонија

На 89 години почина првиот претседател на Собранието на Република Македонија, Стојан Андов.

Андов е роден во Кавадарци на 30 ноември 1935 година. Основно образование и гимназија завршил во родниот град, а дипломирал на Економскиот факултет во Скопје и магистрирал на Факултетот за политички науки во Белград во 1972 година.

Бил избиран и на разни републички и сојузни општествено-политички функции. Од 1970-тите бил на високи функции во Сојузот на комунистите на Македонија и во Собранието на Македонија, од 1971 до 1982 во три мандати бил член на Сојузниот извршен комитет во Белград и бил член на разни економски комисии и комитети, меѓу кои и за соработка со Европската економска заедница и земјите на ЕФТА.

Во периодот од 1987 до 1991 Андов беше амбасадор на поранешна Југославија во Ирак.

На првите повеќе-партиски избори 1990 година, беше избран за пратеник во Собранието на Република Македонија и стана претседател на Собранието во јануари 1991 година. На вторите повеќе-партиски избори 1994 година, повторно беше избран за пратеник во Собранието на Република Македонија и за претседател на Собранието – должност што ја извршуваше до март 1996 година.

Основач е на Либералната партија на Македонија и како нејзин претседател ја водеше Либералната партија до спојувањето со поранешната ДП 1997 година, кога стана претседател на Советот на новоформираниот политички субјект.

По изборот за пратеник во 1998 година бил претседател на Комисијата за монетарна, кредитна и банкарска политика. На изборите од 31 октомври 1999 година беше кандидат на ЛДП за претседател на Република Македонија, но не се квалификуваше за вториот изборен круг. По обновувањето на Либералната партија во 1999 година, бил избран за член на нејзиниот Извршен комитет.

Автор е на повеќе книги од областа на економскиот и политичкиот систем, како и од областа на книжевноста.