Под слоганот „За луѓето се работи“ Северна Македонија го започна претседавањето со ОБСЕ

Од денес, 1 јануари 2023 година, Република Северна Македонија официјално го започнува претседавањето со ОБСЕ – најголемата светска регионална безбедносна организација која опфаќа 57 држави од Европа, Северна Америка и Азија.,

Под слоганот „За луѓето се работи“ фокусот на македонското претседавање, како што велат од Министерството за надворешни работи (МНР), ќе биде ставен врз хуманата безбедност во ера на регионална и глобална несигурност и нестабилност.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе претседава со оваа мултилатерална организација која работи на сеопфатни аспекти на безбедноста поврзани со политичко-воената, економско-еколошката и хуманата димензија.

„Во наш фокус, како земја претседавач, ќе бидат теренските мисии. Ќе преземеме и поддржиме конкретни активности со цел олеснување на животот на луѓето, унапредување на нивните права и слободи“, истакна Османи.

Од МНР потенцираат дека освен фокусот врз кризните региони, а пред се`, воената агресија врз Украина, приоритетите на Северна Македонија како претседавач ќе бидат реафирмацијата на придобивките на ОБСЕ и обновување на дијалогот и довербата, како и инвестирањето во мирот и отпорноста на ОБСЕ, како најдобар начин за справување со безбедносните предизвици.

„2023 година ќе биде важна година за меѓународната позиција на Република Северна Македонија. Зајакнатото меѓународно профилирање значи долгорочен влог во економски развој, нови можности за младите и стабилност. Во услови на војна во регионот на ОБСЕ и сложени политички односи помеѓу земјите учеснички ќе се фокусираме на намалување на тензиите, обновување на довербата, просперитетот и севкупната безбедноста на луѓето“, рече Османи во своето новогодишно обраќање до јавноста.

„Северна Македонија досега многу пати го покажала својот капацитет, дека преку политички дијалог, демократски средства и демократско владеење ги остварува своите цели како на домашен, така и на меѓународен план. Сега имаме можност со таа наша зрелост и знаење да бидеме клучен играч, да ги водиме и да придонесуваме за меѓународните политики и процеси“, нагласи министерот.

Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ ќе трае во текот на целата 2023 година. Министерот Османи ќе ја презентира програмата на програмата на македонското претседавање, пред Постојаниот совет на ОБСЕ, во Виена на 12 јануари.