Почина чешкиот писател Милан Кундера

На 94 години, по долга болест, почина славниот чешки писател Милан Кундера, познат по култните романи како „Неподнослива леснотија на постоењето“, „Шега“, „Идентитет“ или „Книгата за смеата и за заборавот“.

Кундера беше познат по тоа што ја напушти родната земја и се пресели во Франција во 1975 година откако се најде на мета на Комунистичката партија во Чехословачка поради „анти-комунистички активности“. Тој помина 40 години живеејќи во егзил во Париз откако властите го одзедоа неговото чешко државјанство во 1979 година. Таму тој ги напиша најславните дела, а потоа го напушти својот мајчин јазик и започна да пишува на француски.

Кундера често беше споменуван како еден од главните фаворити за Нобеловата награда за литература.

Иако во младоста бил член на Комунистичката партија, тој двапати бил исклучуван од партијата. Еднаш поради „анти-комунистички активности“ во 1950 година, а потоа уште еднаш во 1970 година во настаните кои следуваа по Прашката пролет во 1968 година, каде тој беше еден од главните активисти во барање на слобода на говор и еднакви права за сите.

Неговиот прв роман „Шега“ го обработува токму тој период и имаше огромен успех. Книгата исчезнала од библиотеките и книжарите откако руските тенкови стигнале на Вацлавскиот плоштад. Кундера бил ставен на црна листа и добил отказ како наставник. Својата уметничка слобода ја пронашол работејќи во мали градски кабареа како џез-музичар – неможноста да се издаде негова книга, на некој начин, ја подигнало тежината од цензурата врз неговиот грб.

Откако ја загубил надежта дека Чехословачка некогаш ќе се реформира, се преселува во Франција во 1975 година и го губи своето чешко државјанство во 1979 година, па станува француски државјанин во 1981 година. Помогнат од неговиот пријател Филип Рот, кој го објавува Кундера како дел од неговиот серијал „Гласови од Другата Европа“. Кундера добива потврда како меѓународна литературна ѕвезда во 1984 година, откако е објавена „Неподнослива леснотија на постоењето“, во која се обработува атмосферата во Прага во 1968 година. Романот следи два пара кои се борат со политиката и неверството, обработувајќи ги тензиите помеѓу слободата и одговорноста. Филмската адаптација од 1988 година на Филип Хофман, во која главните улоги ги толкуваат Даниел Деј Луис и Жулиет Бинош, го вивнаа Кундера во литературното небо.

Неговото чешко државјанство беше вратено во 2019 година, една година откако оствари средба со чешкиот премиер Андреј Бабиш. Година подоцна, Петр Друлак, чешкиот амбасадор во Франција физички му го врачи државјанството на Кундера, опишувајќи го настанот како „симболичен гест и симболично враќање на најголемиот чешки писател“.