Почина академикот Богомил Ѓузел

Друштвото на писатели, соопшти за заминувањето на поетот, прозаистот, драмскиот автор и преведувач – академикот Богомил Ѓузел.

Ѓузел е роден во 1939 година во Чачак, Србија. Израснал и се школувал во Скопје, каде што и дипломирал на катедрата за англиски јазик и литература на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во 1963 година.

Автор е на поетските збирки „Медовина“, „Алхемиска ружа“, „Мироносници“ (награда „Браќа Миладиновци“), „Одисеј во пеколот“, „Бунар во времето“ (награда „Браќа Миладиновци“).

Неговите стихови се преведени на англиски, српски, чешки, француски.

Застапен е во многу македонски и југословенски поетски антологии објавени по 1965 година, на повеќе од дваесеттина странски јазици. Ѓузел е автор на еден избор од современата македонска поезија објавен во Белгија, посебно на фламански и француски.

Негови попознати прозни книги се „Историјата како маштеа“, „Мито-стории“ – три изведени драми „Адам и Ева“, „Јов“ и „Алексијада“, збирката раскази „Легенди“, „Црна“ – трагична фарса, заедно со Љубиша Георгиевски, „Апокалипса“ – неизведена драма, „Бовча“ -избор на есеи.

На македонски јазик ги превел авторите Т.С. Елиот, В.Х. Одн, Емили Дикинсон, Чарлс Симик, Самјуел Бекет, Амир Ор, Шејмас Хини, Том Пецинис, Вилијам Шекспир, Луис Керол, Радјард Киплинг, Бернард Шо, Јуџин О’Нил, Сем Шепард, Харолд Пинтер и Кристофер Марлоу.