„По трагите на еден модернист“ – изложба за животната патека на архитектот Борис Чипан

Во Музејот на Град Скопје утре од 20 часот ќе биде отворена изложба, чиј концепт има интенција да ја проследи и презентира професионалната и животната патека на архитектот Борис Чипан (1918 – 2012).

„Патеката на Чипан зазема едно од најзначајните места во историјата на македонската современа архитектура, како творец кој подеднакво суверено се реализираше во областа на архитектонското проектирање, заштитата на градителското наследство, архитектонското образование и архитектонската публицистика“, стои во описот за изложбата.

Инаку, Чипан е роден во Охрид, дипломирал во Белград, а покрај педагошката дејност кога предавал проектирање и општествени згради се занимавал и со конзервација на градителскот наследство, кога бил и прв директор на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, со архитектонско проектирање и со публицистика.

Учествувал на повеќе анонимни архитектонски конкурси. На полето на конзервацијата позначајни реализации му се: црквите „Св. Софија“ во Охрид, „Св. Наум“, „Св. Пантелејмон“ во Нерези и др. Од областа на архитектонското проектирање позначајни објекти се: судските згради во Штип, Велес и Битола (1956); Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во Скопје (1976); Фабриката за фротир во Делчево (1959); поголем број на индивидуални семејни куќи во Охрид. Се занимава со научноистражувачка работа. Чипан е вториот носител на наградата „Андреја Дамјанов“ која ја добил во 1990 година. Починал во Скопје на 31 март во Скопје.

Радио МОФ неговиот цитат „Каква власт, таква архитектура“ неодамна го употреби за видеото „’Скопје 2014’: Проектот кој рушеше град, културно наследство и демократија“.