Агенцијата за дроги на Европската Унија (ЕМЦДДА) денеска го претстави Европскиот извештај за дрогите за 2022 година насловен „Трендови и развој“, во кој се посочува дека употребата на дроги е зголемена поради високата достапност низ целата унија, а во некои случаи ги надминува и нивоата пред пандемијата, пренесува „Н1“.
Според податоците, постојат знаци за враќање на нивоата пред пандемијата, а анализата на отпадните води открила зголемување на употребата на кокаин, крек, амфетамин и метамфетамин во некои градови на ЕУ помеѓу 2021 и 2022 година.
Психоактивните супстанции, според ЕУ продолжуваат да се појавуваат и по еднаш неделно. За време на 2021 година, за првпат се пријавени дури 52 нови видови дроги, со што вкупниот број се искачи на 880.
Минатата година, за првпат беа пријавени шест нови синтетички опиоиди, шест синтетички катинони и 15 нови синтетички канабиноиди.
Истовремено, во извештајот се наведува дека во 2020 година се запленети 6.9 тони различни видови дроги.
Што се однесува до канабисот, најпопуларната недозволена дрога во ЕУ, неговите производи стануваат се поразновидни поради појавата на екстракти, екстракти за јадење и производи од ЦБД.
Во извештајот се наведува дека политиката на ЕУ за канабисот се менува, па така се зголемува опсегот на примена на политики за канабисот, што вклучува контрола на незаконското користење и регулирање на канабисот за медицинска и друга употреба.
Според резултатите од 2020 година, затворени се повеќе од 350 лаборатории за производство на нелегални дроги, вклучително и погони за производство на кокаин, метамфетамин и катинон.
Во ЕУ во 2020 година запленети се рекордни 213 тони кокаин и уништени се 23 лаборатории.
Исто така, се предупредува дека има видливо зголемување на достапноста на амфетамините, а во 2020 година биле запленети 21 тон и затворени 78 лаборатории. Извештајот укажа на зголемен број на погони за производство на метамфетамин.
Во извештајот се нагласува и дека купувањето дроги на мрежата „Даркнет“ опаѓа, а во 2021 година проценетите приходи паднале на 30.000 евра дневно, каде во 2020 година приходите биле еден милион евра дневно.