По инцидентите и насилството во македонското Собрание, демонстрантите од иницијативата „ За заедничка Македонија“ остануваат пред Собранието до конечната разврска на политичката криза, објави АлсатМ.
Демонстрантите ќе се организираат во смени и ќе го бранат Парламентот и нема да дозволат, како што велат, никој да и наштети на Македонија. Организаторите сметаат дека 60 дена по мирен пат сакале да го изодат патот и дека она што денеска се случувало во Собранието, според нив, било провокација, на која некои потпаднале и предизвикале насилство.
Исто така, телевизијата информираше дека вкупно се повредени 45 лица во Собранието, меѓу кои тројца полицајци и обезбедување. Сите се примени на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ (Градска болница). Четворица од нив биле задржани на натамошно лекување. МВР проверува дали има уште повредени.
Инаку, денеска околу 19 часот во Собранието упаднаа повеќе демонстранти од протестите на „За заедничка Македонија“, откако мнозинтството во законодавниот дом за спикер го избра Талат Џафери. Демонстрантите без поголеми потешкотии и опструкции од полицијата успеаја да влезат, нападнат и повредат неколку пратеници, меѓу кои и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, потоа Дамјан Манчевски, Максим Димитриевски и Зијадин Села. Во целата тензична и хаотична ситуација повредени беа и новинари од неколку медиуми.
Осуда и реакции за инцидентите и насилството дојде од повеќе дипломати и организации, а претседателот Ѓорге Иванов повика на смиреност и лидерска средба.