По година и пол, нема ниту еден нов збор во дигиталниот Толковен речник

Ниту еден предлог за воведување нов збор не пристигнал до Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ една и пол година од промоцијата на дигиталниот Толковен речник, и покрај тоа што на страницата постои можност граѓаните да даваат свои предлози за зборови кои не можат да ги најдат во речникот.

„Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје не доби нови предлози“, одговорија од Институтот на прашањето на Радио МОФ.

Сепак, интересно е што токму редакцијата на Радио МОФ досега има предложено неколку нови зборови, како на пример зборот „подкаст“, кој во моментов не постои во речникот.

На нашето прашање дали од промоцијата па сѐ досега се воведени нови зборови во корпусот на Толковниот речник, од Институтот велат дека некои нови зборови се во процес на воведување.

„Новите зборови се во процес на обработка. Кога ќе се обработат ќе бидат внесени. Се размислува за воведување на нови зборови, процесот е во тек“, велат од Институтот.

Веб-платформата беше промовирана на 5 мај минатата година, симболично по повод Денот на македонски јзаик и во рамки на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески.

Дигиталната платформа беше овозможена од Владата, која реши трајно да ги откупи материјалните права на трудот, а Министерството за култура го стави онлајн изданието на Толковниот речник во националната програма за „Годината на Конески“.

Раководителката на проектот „Толковен речник на македонскиот јазик“, Снежана Велковска порача дека со неговото дигитално издание корпусот на лексеми, односно на нови зборови, добива можност да се развива и унапредува преку постојана грижа за македонскиот јазик и неговото претставувањето пред светската лингвистика.

Тогашниот премиер Зоран Заев, на промоцијата истакна дека веб-платформата е во сопственост на граѓаните и ќе се надоградува од граѓаните, академската и научната заедница.

„Платформата понатаму ќе се развива заедно со сите научни работници, лектори, македонисти, и други научници кои низ својата интердисциплинарна работа опфаќаат лингвистика, и кои ќе можат редовно да го ажурираат речникот, да го дополнуваат и менуваат, за истиот да расте и да се развива“, истакна Заев.

Тековни процеси и мир во куќа

Но, промоцијата на веб-платформата не помина мирно. По пуштањето на платформата во јавноста се појавија реакции за дел од зборовите вклучени во речникот, според кои во речникот има навредливи термини кон ромската заедница, па од Владата истакнаа дека од дигиталната верзија на речникот ќе бидат повлечени навредливите термини.

Тогаш, професорката Велковска за Радио МОФ изјави дека повлекувањето на зборовите е за „мир во куќа“.

„Зборовите беа повлечени од Владата, тие што ги повлекоа, тие нека ви кажат. Зборот го има во сите можни речници. Тоа е политичка одлука, нема врска со наука. Зборовите беа повлечени за мир во куќа“, истакна таа.

Радио МОФ тогаш се обрати и до Владата од каде дополнија дека од Институтот за македонски јазик информирале дека стручниот тим во наредниот период ќе изврши ревизија на лексемите во речникот и ќе следува процес низ кој зборовите во речникот ќе се толкуваат соодветно според современиот лингвистички и општествен контекст.

Сепак, повлечените зборови не се вратени.

„Беа повлечени зборови за кои нема системско решение. Не се вратени повлечените зборови. Станува збор за разговорни именувања на одредени етнички заедници“, стои во краткиот одговор од Институтот „Крсте Мисирков“.

Прашања за повлечените зборови, ревизијата и предложувањето на новите зборови кое беше најавено од тогашниот премиер испративме и до Владата, но до објавување на текстот не добивме одговор.

Ивана Смилевска

Пуздер правам од македонскиот јазик – наместо наука, одлуки за „мир во куќа“