По 14 години работа, „Ал Џезира Балканс“ прекинува со работа

Балканската подружница на меѓународната телевизиска мрежа од Доха „Ал Џезира“ – „Ал Џезира Балканс“ ја прекина својата програма по 14-годишна работа.

Основана во 2011 година во Сараево, покрај глобалното покривање, покриваше настани во балканскиот регион, со канцеларии во Белград, Загреб, Подгорица, Скопје, Љубљана и Приштина.

„Целиот тим на ‘Ал Џезира Балканс’ е горд на секој од 4.970-те дена што ги поминавме служејќи им на гледачите и читателите. Отсекогаш сме се обидувале да бидеме гласот на оние чии гласови не се слушаат, островот на вистината, културата на дијалогот и етичкото новинарство. Ништо од ова не би можело да се постигне без вашата доверба и поддршка. Ви благодариме што сте со нас“, соопштија од медиумот.

Од таму не дадоа конкретни информации зошто е прекинот со работа.