Плитвичките Езера може да бидат тргнати од листата на УНЕСКО поради прекумерно градење

Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) и официјално ја предупреди Хрватска дека Плитвичките Езера може да бидат тргнати од листата на заштитено светско природно наследство. Предупредувањето доаѓа поради прекумерниот број туристи кои секоја година ги посетуваат езерата, но и прекумерното градење апартмани на оваа локација.

Низ Националниот парк Плитвице дневно минуваат преку осум илјади туристи, и двојно повеќе во т.н. пик во сезоната.

Поради подобро селфи и голем метеж, изминатите години пет туристи паднаа во провалија, а дел од нив ги загубија животите. Поради ова надлежните веќе забранија користење дронови, а најавија дека повеќе нема да дозволуваат движење низ паркот со сандали и апостолки.

Националниот парк „Плитвице“ зафаќа површина од 300 квадратни километри, а целиот простор е под заштита на УНЕСКО.