Нова „селфи“ жртва на Плитвички Езера, надлежните забранија дронови и апостолки

Дваесетгодишен канадски турист со хрватско потекло падна од карпа висока 70 метри на Плитвичките Езера, со што се придружи на загрижувачката статистика на хрватската спасувачка служба која во просек има околу 1200 спасување годишно, или пет пати повеќе од пред 10 години.

Туристот излегол надвор од безбедната зона, иако неговите пријатели го предупредиле за опасноста. Целта била да сними селфи фотографија, но наместо тоа паднал од високата карпа. Хрватските служби појаснуваат дека младиот човек имал неверојатна среќа, бидејќи крошните на дрвјата го ублажиле падот, па минал со тешки повреди, кои не се опасни по живот.

Речиси на истото место, лани во јули загина 54-годишна словенечка државјанка. Таа го игнорирала предупредувањето, скокнала преку оградата и загинала во обид за подобро селфи. Пред девет години на езерата загина и постар брачен пар од Германија, а лани за влакно избегнале смрт и три туристки од Јужна Кореја.

Поради сигурност, неодамна надлежните строго забранија употреба на дронови кои туристите почнаа масовно да ги употребуваат, а како што открива „Јутарњи“, наскоро се најавува и нова забрана – за користење влечки апостолки.

„Луѓето мора да се прилагодат на сезоната и временските услови. Веројатно затоа ние наскоро ќе го забраниме влезот во паркот во летни чевли, апостолки, сандали“, вели портпаролот на Националниот парк Плитвички Езера Огњен Борчиќ. Тој се надева дека со ова ќе се подигне безбедноста во паркот.

„На сите влезови во паркот има знаци за забрана, односно предупредувања со кои се строго пропишани дозволените зони на движење и сите програми. Сето ова е испечатено и на секој билет купен. Сите несреќи им се случиле на лица кои ги игнорирале овие предупредувања“, додава Борчиќ.