Платнена торба, 15 денари за биоразградлива кеса или производите во раце

Од денес граѓаните ќе треба да ги менуваат своите навики при купување, бидејќи стапува на сила новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување. Па така, во случај да не понесете своја кеса или платнена торба при шопинг, ќе останете со производите во раце или ќе треба да платете 15 денари за биоразградлива кеса.

Екологистите се прашуваат дали забраната дополнително ќе ги осиромаши социјално загрозените граѓани.

„Заедно со воведувањето на забраната за пластичните кеси, општините и државата треба да спроведат и акција за доставување платнени торби за пазарување на сите граѓани кои се соочуваат со сиромаштија, со што ќе се спречат негативните последици по нивниот животен стандард. Борејќи се за повисоки еколошки стандарди, нашата Иницијатива ја поддржува и борбата за социјална правда. Треба да изградиме еколошки поодговорен и социјално поправеден свет“, неодамна реагираа од Иницијативата за забрана на пластични кеси.

Пластичните кеси се забрануваат – активисти резервирани како ќе се спроведе забраната

Од Министерството за животна средина и просторно планирање, пак, ја потсетуваат јавноста дека со овој Закон се забранува пуштање на пластични кеси за носење производи на пазарот, освен со плаќање на надоместок од 15 денари за биоразградливи кеси. Покрај ова, се забранува пуштање на пластично пакување за еднократна употреба во угостителските објекти на територијата на заштитените подрачја во државата.

Исклучок од плаќањето на надоместок се многу лесните пластични кеси за носење на стоки чијшто дебелина е пониска од 15 микрони, посочуваат надлежните.

„Целта на овој Закон е да ги одврати корисниците од употреба на кеси за еднократна употреба и да ја стимулира употребата на торби за повеќекратна употреба, а засновано врз принципот „загадувачот плаќа“. Производителите на пластични кеси и понатаму можат да продолжат со работа, но со почитување на пропишаниот стандард за биоразградливост. Напоменуваме дека стандардите за биоразградливост беа воведени уште во претходниот Закон, а пропишани во 2013 година“, велат од министерството.

Оттаму посочуваат дека новиот правилник за стандардите за биоразградливост е донесен и се очекува неговото објавување во наредниот број на Службен весник на Република Северна Македонија. До неговото стапување на сила важи постојниот Правилник.

Во меѓувреме, Радио МОФ подготви кусо видео за сите опции кои ги имате во замена за пластична кеса:

Е.П.