Платформата за ХИВ реагира: ХИВ не се лекува и превенира со Хепатит Ц терапија

Граѓанската Платформа за одржливост на сервисите за преврнција и поддршка на ХИВ реагира на вчерашната изјава од Министерството за здравство во однос на лекувањето на лицата со ХИВ, превенцијата на ХИВ, како и лекувањето на хепатит Ц. Според Платформата, соопштението на министерството изобилува со неточни и делумно точни информации, и погрешно претставување на фактите.

„ХИВ-инфекцијата не се лекува со терапија за хепатит Ц! Зачудувачки е што Министерството за здравство ја поистоветува терапијата за ХИВ со терапијата за хепатит Ц за да го оправда драстичното кратење на буџетот за ХИВ, кога станува збор за лекување на две различни крвно преносливи инфекции, велат од Платформата.

Според платформата, целосно е неточно дека Министерството за здравство обезбедило средства за лицата со ХИВ во рамките на две програми.

„Споменатите две програми на Министерствтото за здравство – за лекување на зависности и за заштита од ХИВ – имаат различни групи на корисници. Додека корисници на првата се лица со болести на зависност, корисници на Програмата за заштита на населението од ХИВ во делот на терапија и поддршка се лицата со ХИВ. Во Република Македонија, за среќа – и благодарение токму на досегашните превентивни активности за ХИВ на граѓанскиот сектор – не постои преклопување помеѓу двете популации; во изминатите 5 години е регистриран само еден случај на ХИВ кај лица што користат дрога. Ваквите изјави откриваат скандалозно непознавање на основни епидемиолошки прашања во Република Македонија“, стои во реакцијата.

Понатаму, од Платформата велат дека средствата за лекување на хепатит Ц не се дел од пресметаниот буџет од 65 милиони денари кој, како што велат, е неопходно да се оддели од Буџетот на Република Македонија само за лекување на ХИВ за една година и за одржување на програмите за превенција за половина година.

„Го потсетуваме Министерството за здравство дека се обврза да предвиди дополнителни средства за лекување на хепатит Ц. За жал, не е јасно како Министерството предвидува да издвои наводни 25 милиони денари за терапија за хепатит Ц во Програмата за лекување на зависности, имајќи предвид дека и оваа програма е скратена за 2017 година и изнесува 72 милиони денари во споредба со 2016 година кога изнесувала 78 милиони денари. Програмата за лекување на зависности во сегашниот износ е доволна само за да се покријат други неопходни интервенции, како терапија за лекување на зависност од дроги (метадон и бупренорфин), лекување во дневни болници и болничко лекување на лица со зависност од алкохол и дрога. За да се обезбеди терапија за хепатит Ц за лицата со болести на зависност, Програмата треба дополнително да се зголеми“, велат од Платформата.

Исто така, тврдат дека изјавата дека предвидените средстваво Програмата за ХИВ за 2017 година ќе бидат целосно наменети за превентивни активности не е поткрепена со фактичката состојба.

„Од предвидените 27 милиони денари во Програмата за заштита на населението од ХИВ, најмалку 7 милиони ќе бидат неопходни за покривање на заостанати долгови, а најмалку 16 милиони Министерството мора да предвиди за обезбедување терапија за најмалку 6 месеци во Програмата за за ХИВ за 2017 година со це да се избегне недостаток на терапија во почетокот на 2018“, се вели во реакцијата.

Од Платформата потенцираат дека нивниот протест е против „обидот на Министерството за здравство да го претстави кратењето на средства како зголемување на финансиските средства за лицата со ХИВ користејќи се со директно извртување на фактите“.

„Програмата за заштита на населението од ХИВ изнесувала 128,4 милиони денари за 2014 година, 173,7 милони за 2015 година, а 166,5 милиони за 2016 година. За 2017 година Министерството предвидело 73.7 милиони денари, вклучувајќи ги споменатите 27 милиони од основниот буџет на Република Македонија и самофинансирачки активности на Министерството, како и 46.7 милиони од преостанатите средства од донации, за чие користење сѐ уште чекаме одобрување од донаторот“, потенцираат од Платформата во однос на намалениот буџет за ХИВ.

Од Платформата го повикуваме Министерството да буџетира врз основа на докази – обезбедени во анализата на Светската банка и во согласност со пресметките на домашните експерти – со што износот од 27 милиони ќе го зголеми на 65 милиони денари. Во спротивно, велат тие, Министерството за здравство ќе биде директно одговорно за зголемена епидемија и зголемен број на смртни случаи кои може да се избегнат.