Ако викендов сакавте да планинарите на Баба ќе ви биде потребна дозвола за движење во шума од подружницата „Кајмакчалан“ во Битола. Таа треба да се извади барем ден претходно, од 5 до 20 часот.
За останатите шумски предели низ државата, може да се добие дозвола ако се посети некоја од останатите 29 подружници на ЈП Национални шуми. Информации и контакти за подружниците се достапни на веб-страницата на ЈП Национални шуми на следниот ЛИНК.
Поради намалениот број пожари и врнежите од пред неколку дена, ЈП Национални шуми вчера одлучи да ја ублажи целосната забрана за движење по шуми која и понатаму е активна.
Од подружницата „Кајмакчалан“ за Радио МОФ појаснуваат дека кога има целосна забрана за движење во шума, дозвола за движење имаат само вработените кои вршат активности во шумското подрачје. Но, со ублажувањето се дава можност на оние кои имаат итна и неопходна потреба да се движат во шумските предели, да може да го направат тоа.
Таков е случајот со планинарите и параглајдеристите, кои треба да пополнат образец со своите лични податоци и во кој ќе ја наведат намерата за посетата. Сепак, крајната одлука дали некој ќе добие дозвола ја имаат вработените на подружницата.
„Имајќи го во предвид фактот дека планинарите се најголеми пријатели на шумите и планините. Луѓе кои може благовремено да не’ известат за појава на некој нов пожар, луѓе кои можат да помогнат во гаснењето на пожар во неговата рана фаза додека се уште не се проширил. Имајќи го предвид фактот дека параглајдеристите кои летаат од нашите убави планини исто така може да забележат појава на чад и пламен и благовремено да известат, ние како Главен штаб за управување со кризи, низ разговор со ЈП Национални шуми сугериравме олабавување на целосната забрана за движење во шумите“, истакна Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи на денешната прес-конференција.
Тој додава дека ЈУНП Галичица, исто така ја има ублажено оваа забрана и дава дозволи за движење во овој национален парк. Но, во Јасен и на Водно забраната се уште е на сила поради двата активни пожари од кои еден веќе две недели се провлекува од другата страна на Матка, што е продолжение на Водно. За овој предел, забраната останува уште неколку дена, истакна Ангелов.
Денеска заседава Главниот штаб за управување со кризи и како што посочи Ангелов, ќе предложат дополнително олабавување на забраната поради најавата за дождови. Сепак, тој повика на внимателност и свесност кај граѓаните.
Забраната за движење низ шумите и шумското земјиште се воведе на 3 август по предлог на ЈП Национални шуми поради големиот број пожари кои ја зафатија државата.
Казните за прекршување на забраната изнесуваат од 1.500 до 2.000 евра.
Е.П.