Од денеска (вторник, 3 август) стапува на сила целосна забрана за движење во шумските предели низ Републиката. Од Владата апелираат до сите граѓани да не се движат низ шумските подрачја во земјата заради заштита на личната безбедност и заради спречување натамошно ширење на пожарите.
Како што појаснуваат од Град Скопје, поради зголемениот ризик од пожари од високите температури и портокаловата фаза со која е зафатен регионов, како и големиот број локални пожари што се активни на терен, на барање на градоначалникот Шилегов, Владата на РС Македонија од денеска (03.08.2021, вторник) воведе целосна забрана за движење и на Водно и на Скопска Црна Гора.
Владата на Република Северна Македонија апелира до сите граѓани да не се движат низ шумските подрачја во земјата заради заштита на личната безбедност и заради спречување натамошно ширење на пожарите.
Пројавувањето на пожар се прави во Противпожарната бригада на телефонот 193 или во Центарот за управување со кризи, на 195.