„ПичПрич“ – гинеколошки приказни вечерва во „Буква“

„ПичПрич“, иницијативата за промовирање на женската усна историја, крајот на летото го заокружува со слем. Денес со почеток во 20 часот во кафе-книжарницата „Буква“, пет раскажувачки ќе ги споделат нивните искуства, производ токму од овој наследен патријархален здравствен систем, објаснуваат организаторките. Слемот ќе го модерираат Румена Бужаровска и Ана Василева, а поради интимната природа на содржината, настанот нема да се снима и нема да се емитува на социјалните мрежи.

Темата на слемот ќе биде „Гинеколошки приказни“, односно приказни кои ќе ги детабуизираат митовите за женското здравје и ќе претставуваат искуства на жени кои поминуваат низ јавни и приватни здравствени институции, како и последиците од искуствата.

„Жените поминуваат низ изобилие од несоодветни, неумесни и неретко насилни ситуации низ болниците. Женското тело, со тоа и здравјето стануваат само уште еден фронт каде арогантните и неуки патријархални динамики си изнаоѓаат начини како да ги понижат и навредат примателките на услуги. Поради ова, просторите кои би требало да бидат отворени и безбедни се претвораат во средини каде што сме доживеале трауми што честопати ги премолчуваме“, објаснуваат организаторките.

Настанот ќе ги следи сите актуелни мерки за здравствена заштита и според тоа ќе може да се присуствува само со сертификат за извршена вакцинација, односно применa најмалку една доза вакцина или сертификат за прележан ковид во изминатите 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за сите лица над 18-годишна возраст.