Петто издание на музичкиот фестивал „Андерфест“ во МКЦ

Хард-кор, панк, рок и метал звуци ќе го одбележат петтото, јубилејно издание на музичкиот фестивал „Андерфест“, кое ќе се одржи на 13 октомври, петок.

Во Младинскиот културен центар (МКЦ), со почеток во 20 часот, ќе настапат „Преку ред“, „Ред 18“, „Конспираси“, „Луфтанза“, „Пич Вајс“ и „Последен удар“.

„Од најавените бендови сите се одлично познати на македонската публика. Се работи за актуелни музички имиња, за кои организаторите очекуваат многу публика и ветуваат забава“, посочуваат организаторите.

„Луфтанза“ се млад македонски бенд со експериментален и агресивен дух, кој спојувајќи ја својата гласност, лутина, љубов и агресија контрираат на жанровските определби, еднодимензионалоста и конформизмот на фабричката еднолична музика. Шест испотени другари кои свират и напорно работат во својата неклиматизирана гаража од
почетокот на пандемијата, со 4 албуми под своето име, се спремни да ви ги искорнат ушите.

„Peach Vice“ (/ˈпич,-вајз/) е пост-пандемски бенд, роден од бурата на пред-пандемскиот човек. Метафизичко дијалектички битија, со потреба за хаос и бес, ширење позитивен гнев и желба за развивање (не)свест, бендот се оформува во конечната форма пред крајот на 2022та година и издава два видео записи – „Диши“ и „Крал“. Сѐ беше тоа наговестување за првиот албум именуван „Ekipizza“, кој излезе на почетокот оваа година

„Conspiracy“ (Конспираси) е треш / хеви метал бенд од Скопје, формиран 2016 година. Бендот е загреан и среќен што ќе биде дел од програмата на „Андерфест“, а воедно и што ќе изведе песни од новиот албум.

„Преку Ред“ е рок бенд од Скопје, формиран во 2021. Членови се Антони (вокалист), Христијан (гитарист), Никола (басист) и Рас (тапанар). Во Јули 2022, бендот ја издава својата прва песна “Ќе Те Барам”, која е дел од првиот албум насловен “Хаос”, кој беше објавен во Јули, оваа година.

„Red18“ (Ред 18) е бенд од Скопје што својата музика ја базира на креативност, без намера жанровски да се етикетира. Членови на бендот се: Вокал – Елена Манева; Соло Гитара – Јован Чифлигароски; Гитара – Илија Лалковски; Тапани – Иван Димишков и Бас гитара – Александар Коцевски. Лани го извадија нивниот деби албум „Red18’s Grit“.

„Последен Удар“ се панк рок, ои и стрит панк бенд од Скопје. Формирани од другари од улицата кои сакаат да ги пренесат вистинските чувства од улицата и секојдневното опкружување. Свират насекаде низ Македонија, а следно планираат да излезат од нашите граници. Скопската публика ќе може во живо да го слушне нивниот нов албум на „Андерфест“.