Петти ден штрајк со глад на штипските професори – поддршка од деканот Тодоровски од битолскиот универзитет

Веќе петти ден тројцата професори од штипскиот универзитет, Крсте Шајноски, Александар Костадиновски и Маргарита Матлиеска штрајкуваат со глад. Велат дека штрајкот ќе трае се додека не се исполнат нивните барања – деканот на Економскиот факултет Ристо Фотов да се разреши и да се постапи по предлогот на комисијата за рецензија, која позитивно ги оценила нивните трудови, клучни за избор во повисоко звање.

Петти ден штрајк со глад на штипските професори - поддршка од деканот Тодоровски од битолскиот универзитет Професорите ја имаат и поддршката од синдикатот за образование- СОНК , кој ги повика сите надлежни институции да најдат законско решение за случајот. И од СОНК укажаа дека се прекршени неколку закони меѓу кои и дел од меѓународните законски регулативи во делот на работничките права.

Во меѓувреме не стивнуваат реакциите на академската фела. Проф. д-р Илија Тодоровски, декан на Правниот факултет Кичево, Универзитет “Св. Климент Охридски” Битола, вели дека се прави опасен негативен преседан. Неговата реакција Ви ја пренесуваме во продолжение:

„Случајот со тројцата професпори од штипскиот универзитет претставува негативен преседан, затоа што не е досегашна карактеристика на ниедна високообразовна и научна институција во Република Македонија масовно да се отпуштаат наставници и тоа такви кои во целост ги исполнуваат условите за избор во повисоко звање, во случајов вонреден професор.

Постоечкиот Закон за високо образование, во член132 вели дека “изборот во наставно-научни, научни, наставни и соработнички звања го врши наставно-научниот совет… врз основа на рефератот на рецензионата комисија”, така што во тој дел овој закон е прекршен. Уште повеќе, регулативата на Универзитетот “Гоце Делчев” од Штип внесува и со бодови ги разработува критериумите за избор во претходно наведените звања, и тие не се испочитувани, а кои сите тројца професори нив во целост ги исполнуваат – значи, при нивниот избор има кршење на законската и универзитетската регулатива, а се работи за еминентни професори и лица со значаен придонес во научната дејност.

Ректоратот би требало да реагира, но не само да доведе до ново гласање, затоа што и новото гласање може да биде како ова со кршење на законската и универзитетската регулатива, ами да наложи почитување на регулативата и етичкиот кодекс, кој е исто така прекршен, со други зборови треба да наведе правно да заврши случајот со нивен избор во повисоко звање.

Логично е дека до академската заедница се праќа негативна порака од страна на органите на управување на односниот факултет, затоа што со примена на мнозинската демократија, а без почитување на регулативата, и без аргументи карактеристични за методот на работа на академската заедница се носат одлуки кои не почиваат на академски, ами на негативни лични мотиви.

Во тој контекст, очекувам брза реакција на сите структури во насока на позитивно завршување на овој случај, со нивен избор во повисоко звање“, пишува во писмото на Проф. д-р Илија Тодоровски, декан на Правниот факултет Кичево, Универзитет “Св. Климент Охридски” Битола.

Извор: Фактор