Четврти ден штрајк со глад на тројца штипски професори, СОНК бара реакција од институциите

Економскиот факултет во Штип грубо го прекршил Уставот со отстранување на тројцата професори од просториите на факултет кога тие почнаа штрајк со глад бидејќи сметаат дека незаконски се избркани од работа. Ова е само дел од заклучоците направени на вонредната седница на претседателството на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, на која присуствуваа и тројцата професори Маргарита Матлиевска, Крсто Шајноски и Александар Костадиновски што веќе четврти ден штрајкуваат со глад.

Апсолвентите на УГД со поддршка за професорите кои штрајкуваат со глад

„Претседателството на СОНК констатира дека е направено грубо кршење на член 38 од Уставот на Република Македонија, со кој се гарантира правото на штрајк, од страна на одговорни органи на Економскиот факултет и на Универзитетот,, Гоце Делчев,, – Штип, со (грубо) отстранување на тројцата професори од просториите на Економскиот факултет во Штип на 11-07-2014 година. Исто така,направени се груби прекршувања на повеќе членови од Законот за работни односи, во делот на синдикалното организирање и слободата на синдикална активност“, се наведува во документот.

Од СОНК заклучуваат и дека Државната просветна инспекција и Државната трудова инспекција, покажуваат неприфатлив инертен однос во врска со нивните надлежности во однос на овој иако навременото и писмено биле известени од 0р0аководството на синдикатот. Тие бараат трудовата инспекција да утврди која е причината поради која тројцата професори се уште немаат добиено писмен документ за одлуката како и да ја утврди конкретната одговорност за отстранувањето на тројцата професори од Економскиот факултет, со цел да бидат спречени да го одржат најавениот штрајк и да се покрене соодветна постапка, утврдена со закон.

СОНК го повикаа и Народниот правобранител да го разгледа овој случај, а не ја исклучуваат можноста во знак на солидарност за приклучување со штрајк со глад на Претседателството на синдикатот.

„Претседателството на СОНК најостро ја осудува изјавата на Деканот на Економскиот факултет во Штип, дадена за средствата за јавно информирање, дека не дозволил одржување на штрајк со глад, бидејќи факултетот на бил детска градинка !!!. Бараме Деканот итно да се извини за оваа изјава и тоа преку средствата за јавно информирање“, се додава во заклучоците.

Според најавите на тројцата професори, штрајкот ќе трае се додека не се исполнат нивните барања. Тие и покрај позитивната одлука на рецензентската комисија не беа избрани во повисоки научни звања, а во штрајкот освен од СОНК, поддржани се и од дел од нивните колеги, како и од студентите.