МВР: Петнаесетгодишник доби кривична пријава за „тероризам“

Од МВР информираат дека  Основно јавно обвинителство поднесе кривична пријава против петнаесетгодишник од Скопје, за сторено кривично дело „тероризам”.

Оттаму посочуваат дека малолетникот на 25 февруари, годинава, преку својот мобилен телефон креирало електронска адреса, и истиот ден, користејќи го својот лаптоп од својот дом испратило порака со заканувачка содржина на службената електронска адреса на едно  средно училиште во Скопје.

Притоа, од МВР додаваат дека по извршените проверки, се потврдило дека станува збор за лажна пријава, а малолетникот со цел да ги  прикрие своите активности при испраќање на поракaта користел VPN апликација.

„По преземени мерки и активности од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика утврдена е користената IP адреса, чиј сопственик е таткото на малолетникот, а врз основа издадена Наредба за претрес на дом од Основен кривичен суд Скопје, извршен е претрес во домот на родителот на малолетникот, од каде привремено се одземени мобилен телефон, сим картичка и лаптоп компјутер кои ги користело малолетното лице“, велат од МВР.

По извршено вештачење, додаваат оттаму, утврдено е дека истата електронска адреса е користена за да се испраќаат пораки со заканувачка содржина до неколку училишта на територијата на град Скопје од мобилен телефон и од лаптоп компјутер, во повеќе наврати.

„На 3 март, во присуство на родител, инспектор за малолетници и семејно насилство од СВР Скопје и адвокат, во полициска станица е извршен службен разговор со малолетникот, во текот на кој тој го појаснил начинот на извршување на кривичното дело“, велат од МВР. 

Дојави со бомби, вознемирена јавност – може ли да се открие анонимниот заканувач?