Петицијата на студентите од Архитектонски факултет потпишана од 513 граѓани

Петицијата на студентите од Архитектонски факултет потпишана од 513 граѓаниИницијативата на студентите од Архитектонски факултет кои ги повикаа професорите на факултетот организирано да излезат во јавноста и, како што велат, да го одбранат тоа што остана од Скопје, досега е потпишана од 513 граѓани.

Оваа иницијатива доби и своја Фејсбук страна, која до утрово има 730 подржувачи, а на неа студентите бараат подршка од студентите на Архитектонскиот факултет-Скопје, Архитектонскиот факултет при Американ колеџ, сите професори вработени во истите, потоа Градежниот факултет, Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Асоцијацијата на архитекти на Град Скопје, Факултетот за ликовна уметност и цела активна архитектонска интелигенција.

Студентите бараат од професорите да организираат заеднички трибини со презезентација за грешките на проектот „Скопје 2014“, да се презентира вредноста на модерната и постмодерната архитектура во Скопје, да и објаснат на македонската јавност со разбирлив јазик што се случува со градот, и на кој начин овој проект го разградува Скопје, наместо да го дополнува. Исто така се бара остварување на средби со градските власти и Владата но и други активности кои ќе отворат дебата за проектот од архитектонски, урбанистички, културолошки и социололошки аспект.

Фото: Утрински весник

Фото: Утрински весник

„Ве замолуваме, да ја разберете оваа иницијатива добронамерно, но и сериозно. Доколку ја игнорирате, ќе се превземат повеќе активности со кои ќе бидете јавно предизвикани, но и критикувани. Доколку немате сила да се справите со ова уништување на градот, кое се случува на неполн километар од вашиот објект, тогаш сте ја предале професијата без борба, а и сте разочарување за секој студент… Студентите имаат огромна почит спрема професорите и се водат според вас, вие сте нивните репери, време е да станете и нивните херои“, велат студентите во иницијативата.

Според нив, петицијата продолжува онлајн, а доколку професорите јавно не се произнесат за проектот „Скопје 2014“ во рок од 14 дена, иницијативата ќе направи се, за медиумите да ги притиснат да проговорат јавно.