Студентите на архитектура бараат нивните професори да се изјаснат за „Скопје 2014“

Студентите на архитектура бараат нивните професори да се изјаснат за „Скопје 2014“Студентите од Архитектонскиот факултет започнаа онлајн-петиција, со која бараат од нивните професори „организирано  да излезат во јавноста и да престанат да се кријат зад катедрите, да го одбранат тоа што остана од СКОПЈЕ“. Интелигенцијата не треба да чека покана, треба  да иницира и да делува во општеството. Вистината што никој не ја дознал исто како да не постои. Застанете во одбрана на Скопје! – повикуваат студентите на архитектура.

Се бара подршка од студентите на Архитектонскиот Факултет-Скопје, Архитектонскиот Факултет при Американ Колеџ, сите професори вработени во истите, потоа Градежниот Факултет, Асоцијацијата на Архитекти на Македонија, Асоцијацијата на Архитекти на Град Скопје, и цела активна архитектонска интелегенција, потоа ФЛУ и реномираните ликовни уметници, да се појават во јавноста, да организираат заеднички  трибини, да подготват сеопфатна презезентација за грешките на СКОПЈЕ 2014, да ја презентираат вредноста на модерната и постмодерната архитектура во Скопје, да и објаснат на македонската јавност со разбирлив јазик што се случува со градот, да побараат јавни дебати и средби со градските власти и владата на Р. Македонија.

„Откако јавноста недвосмислено и без сомнежи ќе увиди дека сите нормални реакции и акции не вродуваат со плод, да се организира протест на интелигенцијата, во кои сите гореспоменати /особено професорите/ ќе излезат и ќе се стават во прв ред, наместо студентското топовско месо, протест кој ќе се повторува во интервали, и кој на вистински, културен, и начин како што доликува ќе се обиде да докаже на тврдоглавите власти дека проектот треба да застане. Доколку не успее ова, да се заканат факултетите со прекин на наставата, се до прекин на проектот т.е седнување и соочување на интелигенцијата со власта пред очите на јавноста…. Притоа се замолуваат сите професори да си ги заборават партиските припадности, етничките комплекси, историските непознавања и да застанат во одбрана на архитектонско-урбанистичката професија“, се вели во текстот на петицијата.

Сличен став неодамна искажа и Асоцијацијата на архитекти на Македонија, која испрати отворено писмо до Владата, како инвеститор на проектот „Скопје 2014“, во кое бара да и’ се овозможи пристап до сите податоци и информации што претставуваат документација за проектот, како што се планови, ревизии, извештаи, архитектонски и урбанистички проекти. На тој начин би се направил увид и би се создале услови за стручна анализа на која инсистира Асоцијацијата.