Пет нови случаи на коронавирус во државава

Четири лица од Дебар и педесет и четиригодишна жена која се вратила од Холандија, се новите пет случаи позитивни на новиот коронавирус, соопшти на вечерашната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Исто така, позитивни се и тестови на двајца други пациенти дијагностицирани во приватната болница „Жан Митрев“, кои пред да влезат во официјалната статистика во текот на утрешниот ден ќе треба да се потврдат во државната лабараторија во Институтот за јавно здравје.

54-годишната жена се вратила од Холандија ноќта помеѓу 12-13 март, а развила симптоми ден претходно. Таа денеска се јавила на преглед на Инфективната клиника каде бил потврден тестот на коронавирус.

„Најдени се сите контакти од семејството, таа била во домашна самоизолација, според нејзиното кажување и анкетата на епидемиолозите. Контактирани се членовите на фамилијата, возачот на таксито кое што ја возело од аеродром до дома, а во овој момент се контактираат 31 лица кои што се вратиле со авионот кој што пристигнал од Виена. Таа е со лесна клиничка слика и веќе хоспитализирана“, соопшти Филипче.

Четирите нови пациенти позитивни на коронавирус имале симптоми и биле во контакт со веќе заболените од Дебар. Министерот Филипче информираше дека негативни се резултатите кои попладнево стигнале од Центарот за јавно здравје во Прилеп, Инфективната клиника и еден од инфективното одделение од Градската општа болница „8-ми Септември“.

Владата на денешната седница, додаде Филипче, донесе одлука да се затворат граничните премини за премин на странски државјани, патници и возила, освен за влез и транзит на товарни возила, за претставниците на дипломатскиот кор и други лица.

Исто така, тој соопшти дека се затвора и Меѓународниот аеродром во Скопје освен за државни, воено, карго, медицински, хуманитарни и празни летови по истекот на 48 часа од денот на влегување во сила на оваа одлука.

Со новите пет случаи, бројката на заразени со новиот коронавирус во земјава се качи на 23 лица.

[Подкаст] Што е муабетот со новиот коронавирус?

М.К.