Песни на Ѓорѓе Балашевиќ влегоа во учебниците за основно образование во Србија

Познатиот кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ влезе во учебниците за музичка култура за основно училиште. Од оваа година, неговата „Дрвена песна“ се најде во учебникот за осмо одделение, додека песните „Д-мол“ и „Девојка са чардаш ногама“ го најдоа своето место во пониските одделенија, јавува „Евроњуз Србија“.

Обожавателите на Балашевиќ на социјалните мрежи воодушевено коментираат дека знаеле дека тоа мора да се случи и дека песните на Балашевиќ заслужено влегле во наставата во училиштата.

Една од авторите на учебникот за музичка култура, Маја Соколовиќ Игњашевиќ истакна дека Балашевиќ бил еден од најголемите текстописци во областа на поп-музиката, и дека треба да му се даде значење и помладите генерации да се запознаат со неговото дело.

„Нашата цел беше да го приближиме Балашевиќ, но и другите автори кои го задолжија нашето општество на младите. Во нашите учебници се појавуваат Шабан Бајрамовиќ, Ѓорѓе Балашевиќ и Здравко Чолиќ, како и бројни странски популарни бендови и автори“, изјави Соколовиќ Игњашевиќ за „Евроњуз Србија“.

Легендарниот кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ почина на 19 февруари, на 67-годишна возраст, од последици на коронавирусот.