Почина Ѓорѓе Балашевиќ, легендарниот кантавтор и „Панонски морнар“

Славниот новосадски кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ почина на 67 години.

Тој пред три дена беше примен во Инфективната клиника во Нови Сад во лоша здравствена состојба, со пневмонија како последица на коронавирусот.

Кариерата ја започна во 1977 година како член на поп-рок бендот Жетва, а во 1980 година ја започнува соло кариерата. Има објавено 12 албуми. Ќе остане запаметен по неговиот препознатлив стил во кој ја мешаше музиката и хуморот на неговите концерти и настапи, но и по политичките пораки кои ги испраќаше преку неговите песни. Имаше напишано повеќе книги, а глумеше и во неколку телевизиски серии и филмови за кои ја имаше напишано и музиката.

Неговите песни „Неки нови клинци“, „Словенска“, „Не ломите ми багрење“, „Одлази Циркус“, „Рачунајте на нас“ постигна огромна популарност во екс-ју просторите. Правеше редовни концерти во сите главни градови низ поранешна Југославија, а повеќе пати гостуваше и во Скопје, последен пат во 2018 година. Беше препознатлив и како „Панонски морнар“ по една од неговите први песни.

Во 90-тите години важеше за голем критичар на политиките на тогашниот претседател Слободан Милошевиќ. Во 1992 година одби да учествува во југословенските војни, по што неговите песни беа забранети во земјата. Во 1996 година беше назначен за Амбасадор на добра волја на Обединетите нации поради неговите анти-воени ставови. Беше отворен критичар на национализмите во поранешната Југославија.

Кон крајот на 2019 година имаше инфаркт, по што му беа вградени повеќе стентови.